Маљковиќ-Атанасовска за грешките со знамињата: Протоколот не е служба во која ќе завршуваат сите кои треба „некаде“ да се вработат

од Берта Китинска
314 прегледи

Протоколот не е служба во која ќе завршуваат сите кои треба „некаде“ да се вработат, а кои не знаете каде да ги распоредите. Чести промени во оваа служба се мошне ризични, вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол во разговор за „Локално“ коментирајќи ја грешката со знамето со кое беше пречекана словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон во кабинетот на својот колега Бујар Османи.

Таа потенцира дека со вкавите грешки на кои се „лизнуваме“ како држава покажуваме дека еден важен дел од дипломатската служба ја импровизираме.

-Секоја грешка прави штета. Кога ќе ја направите првиот пат, таа може да е ненамерна, но ако ви се повторува, прашањето е дали ја правите намерно или не сте научиле ништо? Неколку пати се лизнуваме на знамињата, и како што и нас не боли кога ни се греши знамето или химната, мора да знаеме дека истите чувства ги имаат и другите. Ваквите грешки покажуваат дека еден важен дел од дипломатската служба ја импровизираме, а тоа е несериозно за една држава, појаснува Маљковиќ-Атанасовска.

Директорка на Академијата за протокол, децидно вели дека протоколот бара повеќе знаења и вештини.

Лукреција Маљковиќ-Атанасовска

Лукреција Маљковиќ-Атанасовска

-Мора да имате знаење од политиката и дипломатијата, етикецијата и бон-тонот. Мора да имате вештини во организирање настани, да сте спремни за тимска работа, да се снаоѓате в кризни ситуации, да сте смирени, сталожени и професионални, да не страдате од суета, да умеете да го предвидите секој детаљ. Нема ни да ги спомнувам комуникациските вештини, странските јазици, учтивоста, држењето и слично. За жал, работата во протоколот значи дека за вас нема празници, викенди и работно време, вели таа.

Маљковиќ-Атанасовска потенцира дека чести промени во служба за протокол се ризични.

-Секако дека имаме, но жално е што тие лица се често предмет на ротација на работни места, заминуваат, се пензионираат, а и тие што се уште во служба не можат да постигнат се. Потребна е и свежа крв, но тоа мора да бидат луѓе обучени, остручени и образувани. Протоколот не е служба во која ќе завршуваат сите кои треба „некаде“ да се вработат а кои не знаете каде да ги распоредите. Чести промени во оваа служба се мошне ризични, подвлекува Маљковиќ-Атанасовска.

Османи се извини

Министерството за надворешни работи изрази длабоко извинување за ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата Министри при посетата на Министерката Фајон на земјава, кое беше едно од десетте државни обележја кои беа употребени за време на средбите,

-Во исто време дозволете да информираме дека состанокот, како всушност и целата посета на Министерката Фајон помина во исклучително позитивна и пријателска атмосфера со важни пораки кои беа разменети и на самите состаноци, но и испратени во јавноста. Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, Министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата, посочија од МНР.

Фајон пречекана со словачко знаме/Фото: МИА

Словенечката министерка за надворешни во кабинетот на својот колега беше пречекана со знамето на Република Словачка.

Ова не е првпат Македонија да згреши на прашањето на познавањето на знамињата на државите од светот.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц во Скопје пред Владата, од страна на поранешниот премиер Зоран Заев беше пречекан со летонско знаме. Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ беше дочекан во претседателската вила на Водно со црногорското знаме свртено наопаку, по што се извини претседателот Стево Пендаровски.

Б.М.

Слични содржини