Италијанскиот рок бенд Манескин, кој победи на овогодинешната Евровизија, ќе го отвори концертот на Ролинг Стоунс во Лас Вегас, кој ќе се одржи на 6 ноември.
Членовите на бендот го најавија својот настап како гостин кај американскиот ТВ водител, Џими Фалон.
За време на посетата на Фалон, тие ја изведоа новата песна „Mammamia“, како и кавер на песната „Beggin“ која моментално се наоѓа на 15. место на Billboard Hot 100 листата.
На официјалниот Инстаграм профил на бендот објавија и неколку фотографии од настапот во споменатата емисија. Меѓу другите, тие објавија и една фотографија со популарниот водител.
Инаку, овогодинешните победници на Евровизија со месеци ги освојуваат европските и светските топ листи. Моментално се номинирани за MTV Europe Music Award во три категории: Најдобар италијански изведувач, Најдобра рок изведба и Најдобар бенд.