МАНУ загрижена за продолженото траење и продлабочување на кризната состојба во Македонија

од desk3
73 прегледи

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска изрази крајна загриженост поради, како што наведува во соопштението, продолженото траење и продлабочување на кризната состојба што се заканува да ги оживее сеништата на историските делби од минатото и да ги загрози темелните вредности и интереси на македонското општество.

manu
– Нејзиното надминување е пред се должност и одговорност на политичките и другите фактори кои своите ставови и определби треба да ги артикулираат низ дијалог и во соработка со соодветните европски и меѓународни институции, стои во соопштението од денешната седница на претседателството на МАНУ.

На таквата согледба, како што се наведува, упатува фактот дека со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, претпристапното партнерство и отворањето на политичкиот дијалог на високо ниво, Македонија е обврзана на континуиран процес на соработка со европските институции за основните прашања на демократскиот развој, парламентарната демократија, владеењето на правото и човековите слободи и права.

МАНУ смета дека на Македонија најмногу ќе и се помогне ако Европската комисија и другите европски институции ги забрзаат процесите на нејзините евроатлански интеграции со што поскоро отворање преговори за членство во ЕУ и прием во НАТО.

Академијата ја истакнува потребата за јасна артикулација и посветеност на приоритетните стратешки државни интереси на Македонија, како развојна рамка во која теснопартиските интереси ќе бидат подредени на државните.