Маричиќ: Последните шест години направивме многу, очекуваме соодветна валоризација

од Vladimir Zorba
113 прегледи

Во последно време циркулираат разни нонпејпери, разни документи кои предложуваат т.н. пристапување во фази. Тоа значи да пристапиме во ЕУ што побрзо, а при тоа да ги немаме сите оние привилегии и права кои ги имаат сите земји членки – право на комесари, право на вето и слично. За нас е важно, дури и под такви услови, што побрзо да влеземе во ЕУ, порача вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ кој беше панелист на „Балканскиот интегративен форум 2022″.

Маричич зборуваше на панелот „Западен Балкан и проширувањето на ЕУ – одраз на руската агресија врз Украина”.

– Сега е најважно што побрзо ЕУ да направи јасен план за проширувањето на Западен Балкан, со временска рамка во која земјите од Западен Балкан, или барем повеќето од нив ќе станат членки на Европската Унија. Со тоа ќе потврди дека Европската Унија функционира за Западниот Балкан и дека е единствен проект за регионот, рече Маричиќ.

Според вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Северна Македонија последните шест години направи многу и очекува тоа да се валоризира на соодветен начин, не со празни ветувања, туку со конкретен план, кога Северна Македонија, но и сите останати, кои веќе долго се во процесот, ќе станат членки на Европската Унија.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека Европската Унија сè уште, длабоко во себе, е и мировен, и политички проект, бидејќи да не е воопшто не би се поставувало прашањето дали треба, или не треба Украина да биде членка, или Молдова и Грузија, или која било друга земја од источното партнерство.

Маричиќ истакна и дека очекува државите членки на ЕУ да не дозволат историските процеси да бидат какви било бенчмаркови и репери, бидејќи ако го дозволат тоа, во иднина може држава членка на ЕУ да бара сешто од друга држава кандидат, во која било фаза од процесот на евроинтеграција, што нема да има врска со Европската Унија.

– Затоа е многу важно да се држиме до европските принципи, Копенхашките критериуми, а билатералните спорови да ги решаваме на еден европски начин, со фер компромис и преку механизмите кои веќе ги има и европската Унија и Советот на Европа, подвлече Маричиќ.

Тој додаде дека кризата во Украина покажа и уште неколку важни работи а едната од нив е важноста на НАТО Алијансата и како организација и како безбедносен систем, за кои не сме биле свесни кога се правеа уставните измени, врзани за Преспанскиот договор.

– Многумина ни говореа дека таа цена е превисока и дека треба да се запрашаме дали воопшто вреди да се влегува во НАТО. Четири години подоцна, пак, имаме ситуација кога едни развиени, демократски, сериозни држави како што се Шведска и Финска бараат членство во НАТО, а ние сме веќе таму. Сега сфаќаме дека тоа е навистина важно. И дека цената не беше превисока, бидејќи ако Северна Македонија не беше членка на НАТО, сигурно и безбедносната и политичката ситуација ќе ни беа многу покомпликувани отколку што се денес, заклучи Маричиќ.

„Балканскиот форум за интеграција 2022″, организиран од Фондацијата Фридрих Еберт и Европското движење во Црна Гора, се одржуваше во Подгорица, Црна Гора, од 17 до 18 ноември 2022 година.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, учествуваше онлајн, а негови соговорници беа Ранко Кривокапиќ, поранешен претседател на Собранието на Црна Гора, Весна Пусиќ, поранешна пратеничка во хрватското Собрание, поранешниот министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, и Бошко Јакшиќ, новинар и колумнист.

Слични содржини