Западен Балкан знае да биде промотор на европскиот систем на вредности и е решен да се движи кон членството во ЕУ, објави на својот профил на Фејсбук вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој е дел од владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, што денеска учествува на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките Берлинскиот процес, што на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц се одржува во Берлин.
– Берлинскиот процес добива нов замав и следниот период ќе даде многу одговори за насоката во која треба да се движат земјите од Западен Балкан и како успешно да се надминат предизвиците и да се достигне членството во ЕУ. Во вакви сложени геополитички околности Берлинскиот процес отвора нова шанса за добра динамика на европската интеграција на земјите од регионот и зајакнување на регионалната соработка во вистинско време, наведе Маричиќ.
Посочувајќи дека владината делегација учествувала на прва панел сесија на Самитот на која се дискутирало за регионалната соработка и заедничкиот пазар, Маричиќ посочува дека земјите од Западен Балкан ја знаат важноста и потенцијалот кој лежи во регионалната соработка, пред се економската.
– Сите земји од регионот имаме одлична можност подобро да ги валоризираме нашите ресурси и да стануваме поатрактивни за странските инвеститори, кои ќе ни помогнат побрзо да напредуваме во демократскиот развој на нашите земји, во однос на ЕУ.
Во состав на владината делегација, покрај Ковачевски и Маричиќ, е и министерот за надворешни работи Бујар Османи. На Самитот во Берлин учествуваат шефовите на владите на шесте земји од регионот на Западниот Балкан, германскиот канцелар Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, поранешните домаќини на самитите на Балканскиот процес, како и претставници на членки на ЕУ од регионот и на регионални и меѓународни организации.