На уставните измени треба да гледаме како на потреба ние самите да си го заштитиме и зајакнеме идентитет наспроти Бугарија, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Македонско радио.
-Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, да кажам според конвенциите. А секако дека имаат право граѓаните слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме ние и седум други заедници коишто се истакнати во нашиот Устав, треба да имаме можност за Бугарите, за ние да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари. Ние сме Македонци и самата дистинкција дека има и Бугари коишто со последниот попис се 3 000 и стотина. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и спремни сме да разговараме, истакна вицепремиерот.
Според Маричиќ важно е Северна Македонија како татковина на сите заедници да покаже големина и на тој начин да го затвори ова прашање засекогаш.
-Мислам дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да разговараме дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот.