Маричиќ: Искористувањето на ИПА фондовите е клучно во спроведувањето на европските реформи

од Nikola Popovski
187 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес одржа два одделни ИПА координативни состаноци со министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Насер Нуредини и со министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Љупчо Николовски, на кои се разговараше за состојбата во спроведувањето на проектите и искористувањето на средствата од ИПА, предизвиците со кои се соочуваат и можностите за нивно брзо решавање.

Вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Маричиќ, им посочи на министрите дека искористувањето на ИПА фондовите е клучно во овој период и во оваа фаза на спроведување на реформите.

На состаноците главно се разговараше за степенот на реализација на ИПА проектите, зајакнување на административниот капацитет, следните активности и приоритетите на министерството за животна средина и просторно планирање министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство (МЗШВ), предизвиците кои влијаат на динамиката на спроведувањето на проектите, како и за новите програми за користење на финансиски средства од Европската Унија.

Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ на двете средби ги информираше министрите дека Република Северна Македонија е земја-партнер во нова програма за територијална соработка – Еуро-Мед. Целта на оваа програма е зголемување на капацитетот на јавните власти и приватните субјекти за спроведување одржлива и позелена економија, натамошно приспособување кон климатските промени, спречување на ризик од катастрофи и отпорност базирана на принципот на еко-систем за обезбедување квалитетна животна средина.

Маричиќ посочи дека приоритетите на програмата во огромна мера се компатибилни со надлежностите на двете министерства, сметајќи дека не треба да ја пропуштат можноста да влезат во партнерство, особено со оглед на тоа што се работи за големи проекти кои ќе вклучат 6+ партнери од ЕУ и од ИПА регионот и за кои е предвиден сериозен буџет. Вицепремиерот Маричиќ и министрите Нуредини и Николовски се согласија дека спроведувањето на ИПА фондовите во овие два сектори е од огромно значење за напредокот во спроведувањето на европските реформи и најавија потесна соработка за постигнување на целта.

Слични содржини