Маричиќ: КПД Штип е пример за тоа каков третман треба да имаат осудените лица

305 прегледи

„Казнено поправниот дом – Штип е пример за тоа каков треба да биде третманот на затворениците, и колку општеството може да им помогне во рехабилитацијата и ресоцијализацијата“, посочи денес министерот за правда, Бојан Маричиќ при посетата на КПД Штип и директорот на установата, Мики Тодоров.

Тој посочи и дека Штипјани треба да се гордеат што токму овој затвор е прв во Југоисточна Европа, во кој осудениците може да поминат време со своите деца во детско катче, во нормални и здрави услови за децата. Ова катче е направено од младите Штипјани од локалното средно училиште и студентите од Ликовната академија во Штип, што претставува пример како локалната заедница се вклучува во рехабилитацијата на осудените лица.

Во рамки на овој затвор, Маричиќ посочи и дека е направена нова библиотека која служи како училница, која им помага на затворениците да се дообразуваат. Исто така тие имаат и можност да се усовршат стручно во одредени области како заварувачи и готвачи на пример.

Директорот на затворот Штип, Мики Тодоров, го информираше министерот за правда во врска со состојбата со коронавирусот во установата: Во моментот се постапува според протоколите и во овој затвор нема осуденици кои се заразени со Ковид 19.