Дека нема откажување од екстрадицијата на Никола Груевски во земјава, потврди министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА.
Имено, тој посочи дека државата прави се што е во нејзина моќ за да ја добие екстрадицијата, и потенцираше дека министерството активно работи на враќање дома на Груевски.
Како што вели, државата не е лимитирана во однос на тоа колку пати може да побара екстрадиција на лицата кои се во бегство.
„Одлуката на Уставниот суд да ја прогласи за уставна одлуката за повлекување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е нов момент во овие случаи. За поранешниот премиер досега се поднесени две барања за екстрадиција, едно на 20.11.2018 година и друго на 13.6.2019 година. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома“, вели Маричиќ.
Барањата за екстрадиција, како што додава, се постапки со странски држави кои секогаш го имаат последниот збор во поглед на екстрадицијата.
„Одговорите или причините за одбивање се секогаш различни – некогаш сторителот не може да биде лоциран, некогаш се одлучува да не се екстрадира, некогаш постапката продолжува и се бараат дополнителни материјали. Наше е никогаш да не се откажеме да го исполниме барањето на правосудните органи сторителите на кривични дела да бидат донесени во Северна Македонија и сме во постојана комуникација за сите предмети кои се во тек“, вели Маричиќ.