Не постојат фантомски изводи, тоа е опасно замајување на јавноста, бидејќи не само што не постојат, туку на попис кој што ќе се реализира во септември оваа година не се попишуваат изводи, се попишуваат граѓаните, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на пратеничко прашање.
Како што дополни министерот, на пописот секој граѓанин треба сам да ги внесе податоците или да ги даде податоците. Посочи дека пописот и информациите кои се собираат за пописот, не се собираат според документите или изводите, туку се споредуваат само со официјалните регистри.
Додаде дека пописот се базира на непосреден контакт со граѓаните и непосреден контакт со секое домаќинство во државата, а надвор од државата со регистрација на секој поединец.
-Жално е што сè уште има партии кои не застанаа зад статистичката операција која е од директна полза за граѓаните и државата. Преку пописот имаме можност, конечно нешто сами да сториме за доброто на државата. Место да се внесува забуна, потребен е заеднички повик за учество на пописот, рече Маричиќ.