Маричиќ: Статистиката покажува дека од 227 активности во однос на реформите на правосудството, 114 се реализирани, а 35 се во тек

341 прегледи

Од предвивени 227 активности од Стратегијата за реформи во правосудството, 114 се реализирани комплетно, а 35 се во тек. Имено, овие активности произлегуваат од механизмите поставени благодарение на Законот за судови, Законот за судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители, истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ на денешната конференција по повод проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2020-2021“.

„Особено е поздравена проактивната улога на Судскиот совет, кој во неколку наврати застана на браникот на независноста на судството. Врз основа на постоечките закони, Судскиот совет донесе неколку клучни документи со кои започна да се спроведува динамична проверка на работата на судиите. Верувам дека е тоа чекор кон зајакнување на транспарентноста, одговорноста и етиката во фелата, што е од исклучително значење за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем“, посочи Маричиќ.

Како што посочува министерот, Стратегијата за реформи е будно следена од Советот за реформи во правосудниот сектор и од меѓународните партнери и граѓанскиот сектор.

„Следејќи ја статистиката од последниот Извештај за имплементација на Стратегијата, можам да кажам дека имаме солидни резултати – од вкупно 227 предвидени активности – 114 активности се реализирани во целост, 35 активности се во тек, 15 активности ќе се реализираат со задоцнување, 44 активности се спроведуваат континуирано“, информираше Маричиќ.

Тој посочи дека клучен предизвик во ова е вонредната состојба кога тековното функционирање на судовите и обвинителствата се одвива со големи потешкотии или беше целосно запрено. Според него, Ковид-19 покажа колку многу ни е потребна итна трансформација и забрзана дигитализација на правосудните органи, не само за зголемување на ефикасноста, туку и за базично функционирање на институциите.

Како приоритет за 2021 година, министерот најави измена на постоечките законски решенија, а прв на кој се работи е Законот за парнична постапка, со цел воведување на концептот на дигитализација и судење на далечина како и опремување на судовите со информатичко комуникациска технологија за да може истото да се спроведат во практиката.

За оваа година министерот најави голем број на законски измени предвидени во Стратегијата за реформи, како и дека е започнат широк консултативен процес за подготовка на Закон за воена и вонредна состојба.

Слични содржини