Маричиќ: Бошњаците се важен дел од македонскиот културен мозаик, заедно градиме европско и демократско општество

од Radmila Tasevska
261 прегледи

Придонесот на Бошњачката заедница во економскиот, културниот и општествениот живот во земјава е мошне значаен. Нивното учество во сите значајни државни процеси е од клучно значење за напредокот и развојот на државата и истовремено доказ за мултикултурното и мултиетничко општество во кое живееме, истакна вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците.

– Заедно, децении наназад, како сограѓани, сме ја граделе Северна Македонија и заедно сме биле исправени пред предизвиците. Денеска на патот кон нашата заедничка европска иднина градиме мостови на пријателства и заедно чекориме кон подобра иднина. Заедно и ќе продолжиме да градиме стабилна и сигурна иднина, за нашите идни поколенија и за сите граѓани во неа, рече Маричиќ.

Додаде дека македонскиот и бошњачкиот народ имаат исти цели и работат на нивно исполнување, а тоа се, како што посочи, просперитетот и напредокот на земјата, мирот, поврзаноста и соработката во регионот.

Според Маричиќ, бошњачкиот народ отсекогаш бил пример за достоинство, мирољубивост и почитување на демократските принципи, засновани на меѓусебно почитување и солидарност.

– Моето обраќање ќе го завршам со пораката да продолжите гордо и достоинствено да ја негувате вашата традиција и национални обележја, а Владата е тука за и понатаму да работи на зачувување на мултиетничкиот карактер на македонското општество и да помогне во афирмацијата на вашиот национален идентитет, бидејќи бошњачкиот народ се вредна коцка во македонскиот културен мозаик, рече Маричиќ.

Вицепремиерот, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците на покана од претседателот на бошњачката Странка на демократска акција на Македонија, Џелал Хоџиќ.

– Бошњачкиот народ ширум светот денеска го одбележува 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, значаен датум во нивната историја, и ја одбележуваат 30 годишнината од враќањето на националното име Бошњак и мајчиниот босански јазик, на првото заседавање на бошњачкото Собрание, во 1993 година, се наведува во соопштението од СЕП.

Слични содржини