„Северна Македонија припаѓа во ЕУ и граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ. Нашето економско чудо, нашиот политички развој и мировен проект се можни само во Европската Унија“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Скопје.
Тој додаде дека ЕУ е најуспешниот проект по втората светска војна што светот го има видено – тој е мировен проект кој обезбеди траен мир, политички проект базиран на вредности, човекови права, слобода, владеење на право, силни институции, демократија, но е и економски проект.
„Она што можеме да видиме е економско чудо од државите кои пред 20-30 години беа во преговарачкиот процес, а денес се развиени земји-членки. Чешка е држава која од оваа година стана држава не само што зема пари, туку и придонесува во европскиот буџет. Економските показатели на Хрватска покажаа дека по влегувањето во Шенген и еврозоната имаат 15 милијарди евра приход од туризмот. Овие параметри кои денес ни се чинат многу недостижни и за нив изгледале така, но денес се реалност“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека и доколку ги прашаме Бугарите и Романците што најмногу ЕУ придонесе за нивниот развој, одоговорот ќе биде дека им изгради патишта, инфраструктура, но и надеж за подобра иднина.
„Основното прашање е каде сакаме Северна Македонија да припаѓа – дали сакаме на овој најголем мировен, политички и економски проект или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во кои малку луѓе вееруваат и никој нема видено придобивки“ рече Маричиќ.