Маричиќ-Памер: Австрија дава силна поддршка за напредок кон ЕУ, важно е преговорите да продолжат

од Radmila Tasevska
442 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Мартин Памер при што разговараа за текот на скрининг процесот, уставните измени и важноста да се задржи европскиот дискурс на државата во овој момент.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Маричиќ на средбата посочи дека членството во Европската Унија е од национален интерес и дека Владата е посветена и прави напори државата да ја задржи на европскиот пат. Тој додаде дека „сме подготвени на тешки и темелни реформи за побрзо да ги достигнеме европските стандарди“ и дека за тоа помош имаме и од нашите европски партнери.

Новиот австриски амбасадор во земјава Памер на средбата потврди дека Република Австрија го поддржува проширувањето на Европската Унија и дека ќе продолжи да биде наш сојузник на патот кон ЕУ.

Тој изрази уверување, се додава понатаму, дека уставните измени ќе успеат и укажа дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата преку преземање на конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон Европската Унија, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ му посака на амбасадорот Памер успешен мандат и изрази уверување дека Северна Македонија и Австрија ќе ги зајакнуваат добрите билатерални односи и дополнително ќе ја унапредуваат соработката, особено во пристапниот процес и спроведувањето на реформската агенда, стои во соопштението. 

Слични содржини