„Важно е дека реформите и областите, не само областите во кои што треба да испорачаме реформи, туку и конкретните мерки ќе се договараат во наредниот период и ќе очекуваме да бидат заклучени пред крајот на годината. Реформскиот план не е врзан формално ниту конкретно со преговорите, ниту со реформите што ни ги бараат редовно секоја година иако фактички ќе мора да се земе дел од тие мерки и во овој дел. Реформите ќе се фокусираат на економскиот систем, финансиската контрола и фискалната политика и како и реформи во делот за темелни вредности“, истакна Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на „Топ тема“ на Телевизија Телма.
Тој додаде дека следува комплетирање на оние патокази на кои што веќе се работи неколку месеци од крајот на месец јули и посочи дека државата се наоѓа во една понапредна фаза во дефинирање на тие патокази кои се базираат на скрининг извештајот.
„Таму има навистина крупни и суштински прашања за решавање кои што ги ставаме и во некој временски рок и очекуваме штом формално бидеме поканети од страна на Советот на министри, ќе направиме и формална комуникација со граѓанското општество и со парламентот преку Националниот совет за европски прашања, односно Комисијата за европски прашања и потоа ќе можеме да ги испратиме во Брисел“, рече Маричиќ.