Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имал средба со Форумот на граѓанските организации на немнозинските заедници на која разговарале за нивното вклучување во процесот на подготовка на Патоказите и преговорите со Европската Унија.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ на состанокот рекол дека проактивноста на секој ќе биде клучна за напредокот во процесот на ЕУ-интеграцијата и дека процесот на преговори и членството во ЕУ отвора можност да се направи нешто за интересите на заедниците.
Потенцирал дека улогата и активноста на немнозинските заедници е особено важна во подготовката на Патоказите и Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците, со кои ќе се унапредат прашањата од сферата на човековите права.
-Претставниците на немнозинските заедници на состанокот потврдија дека имаат желба да придонесат во подготовката на клучните документи кои се потребни за продолжување на процесот на преговори со ЕУ и му се заблагодарија на вицепремиерот Маричиќ за соработката и отвореноста за зајакнување на дијалогот со конкретни активности. Се согласија дека Владата постојано се залага за целосна афирмација на сите заедници и создава услови во кои тие можат да функционираат и да се развиваат со сите нивни особености, без никакви пречки, согласно Уставот и законите, но и дека има уште многу што да се направи во пракса и во имплементација на она што веќе е законски загарантирано за народите кои живеат во Северна Македонија, наведува СЕП во соопштението.
На состанокот се разговарало и за предизвиците со кои се соочуваат, како и за унапредување на соработката и нивно вклучување во секторските групи за планирањето на ИПА-фондовите, со цел повлекување повеќе средства од европските фондови за поефикасно остварување на правата на немнозинските заедници.