Бидете сигурни дека во 2030 година ќе бидеме членка на ЕУ. Деновиве на прашуваат зошто толку многу брзате? Зошто инсистирате токму таа година, сега да се носат тешки одлуки? Зошто реформи, зошто баш сега? Имаме време да чекаме. Ќе чекаме подобри времиња, ќе ослабе позицијата на некои други држави што мислиме дека денеска ни се пречка, ќе зајакне нашата позиција. Јас им велам во 2030 година ќе има прием на нови членки во ЕУ. На ваква бина ќе стојат претставниците на Украина, на Молдавија, на Србија, на Црна Гора, на Албанија.Ние ќе направиме се на таа бина да стојат и претставниците на нашата татковина. Што ќе им кажеме на младите ако не успееме да застанема таму во 2030 година? Како ќе им објасниме дека оваа година не сме биле подготвени да носиме одлуки за тие во 2030 година да имаат европски пасош.
Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на Отворената трибина „Македонски труд-Европска социјална политика” во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ на Секретаријатот за европски прашања, која вечерва се одржа во Струмица.
Додаде дека Струмица од пред повеќе години ги споделува и негува европските вредности и затоа, како што кажа, тука доаѓале за да земат свеж и прогресивен европски воздух, кој ја враќал енергијата и силата и надежта дека припаѓаме и дека сме Европа.
Според него, нашата држава споделува многу вредности со Европската Унија и затоа определбата за зачленување во ЕУ е определба за зачувување на стабилноста, просперитетот, соработката и успехот.
-По долго време европската агенда и перспектива не е само сон, туку е реалност. Добивме временска одредница дека во 2030 година е навистина возможно да станеме членка на ЕУ. Со чекањето секој ден губиме по една можност, секој ден надвор од Европската унија нашите луѓе имаат помалку можности, рече Маричиќ.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во своето излагање дека во државата се реализираат многу европски практики и решенија, а една од нив е Гаранцијата за млади која се реализира од 2018 година, како и младинскиот додаток за тие кои сакаат по завршувањето на нивното образование да се вклучат во процесот на производството.
-Мерката за самовработување е исто така европска мерка донесена во нашата држава. 44 отсто од корисниците на мерката се токму младите. Мерката ИТ напредни вештини за младуите во државата ка проширивме до 40 години за да можат што повеќе млади да се вклучат и овозможува европски плати, работа за европски компании, работа оттука, во државата за да ни останат тука младите, да земаат европски плати. Предлог законот за работни односи носи европски вредности. Работата од дома и од далечина е она што младите го посакуваат и ќе биде овозможено токму со овој закон, истакна Тренчевска.
Благица Ефтимова, млад претприемач, во своето обраќање подвлече дека дека денеска стоиме на работ на кој се дефинира нашата иднина, но и иднината на нашите поколенија.
-Стоиме на работ на декларацијата за нашата посветеност за обликување на иднината со бесконечни можности наречен Европска Унија, рече Ефтимова.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, рече дека нема поубаво место да се зборува за Европската Унија од Општината којашто ги споделува боите со неа.
-Струмица е европски градител многу одамна и ги споделува европските вредности уште кога во државата и не беше така лесно да се сподели вредност, било каква, а најмалку европска. До пред некое време само зборувавме за интеграцијата во ЕУ, но немавме систем на вредности како опиплив пример за граѓаните. Но, јас сум навистина горд човек и политичар што имаме Влада која силно работи и е во симбиоза со делегацијата на ЕУ и со сите амбасади и која прави пристапот на ЕУ во Република Северна Македонија, да премине и на локално ниво и да стане повидливо за граѓаните. Струмица е примерот којшто треба да се следи. Европска вредност е да понудиме еднакви можности за сите граѓани. Ние тоа и го правиме во сите области, а најмногу во делот на социјалната заштита, истакна струмичкиот градоначалник.
На вечерашната трибина присустуваше и генералниот секретар на македонскиот парламент, Цветанка Иванова, пратеници од регионот, членови на Советот на Општина Струмица и граѓани.
Караванот „Ние сме Европа“ по Струмица продолжува во Битола.