Мариупол е пред паѓање: „Судбината на градот е во рацете на окупаторите“

од Nikola Popovski
244 прегледи

Речиси 5.000 луѓе се убиени во Мариупол откако руските сили го опколија, изјави во понеделникот портпаролот на градоначалникот.

Портпаролот објави податоци од канцеларијата на градоначалникот дека околу 90 отсто од зградите во Мариупол се оштетени, а околу 40 отсто уништени.

-Судбината на Мариупол сега главно е во рацете на окупаторите, изјави градоначалникот Вадим Бојченко во интервју за Си-Ен-Ен.

Не е сосема јасно дали борбите продолжуваат во градот или Русите презеле целосна контрола. Бојченко преку Си-Ен-Ен повика на целосна евакуација на преостанатите цивили од Мариупол.

– Потребна ни е целосна евакуација. Нашата најважна мисија сега е да го спасиме секој живот. И има надежи дека ќе успееме во тоа. Според нашите проценки и денес во градот има околу 160.000 луѓе, но живеењето во Мариупол е невозможно бидејќи нема вода, струја, парно, телефонски врски. И навистина е страшно, заклучил тој.

Руските државни медиуми објавија дека озлогласениот чеченски лидер Рамзан Кадиров пристигнал во Мариупол и дека во тек е „чистење на централните делови на градот“. Тие наведуваат и дека „основниот дел на националистите“, како што ги нарекуваат украинските борци, се наоѓаат во просториите на фабриката „Азовстал“, за која велат дека е „големо упориште“.

– Нашите војници веруваат дека оваа ситуација наскоро ќе се промени и дека тогаш ќе можеме да кажеме дека градот е целосно под наша контрола, го цитираат руските медиуми лидерот на самопрогласената Доњецка народна република Денис Пушилин.

Слични содржини