Пристанишниот град Мариупол од крајот на февруари е под опсада на руската армија, поради што неговите граѓани живеат во многу тешки услови, без вода, струја, греење и телекомуникации. Овој пат Русија се согласи да отвори безбеден коридор, што го потврдија и украинските власти.
– Околу 45 автобуси заминаа за Мариупол откако Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека Русија се согласила да отвори безбеден коридор за четврток, изјави вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук.
Претходните обиди да се воспостави прекин на огнот во Мариупол и безбедно да се евакуираат цивилите не успеаја.
Градоначалникот на градот рече дека 170.000 луѓе се заробени во Мариупол без струја и дека имаат се помалку залихи, бидејќи градот е под речиси постојано бомбардирање од Русија.
Putler bombarded #Mariupol to hell. #FCKPTN #FreeUkraine pic.twitter.com/NkQzYfRAbh
— Anonymous Operations (@AnonOpsSE) March 30, 2022
Голем број жители се уште се обидуваат да избегаат од разурнатиот град.
– Додека се обидувавме да излеземе, моравме да одиме во центарот на градот. Беше страшно да се видат уништени улици и згради, вели Иана Јаловец, 23-годишна студентка.
– Мариупол беше безбеден град… Сакавме да шетаме покрај морето. Имаше парк, и беше убаво место за седење и разговор. Едноставно не ми се верува дека изгубивме се што имавме, изјави жител на Мариупол.