Американскиот државен секретар, Марко Рубио, оствари одвоени средби со германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, и британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами.
За време на разговорот со Бербок, Рубио ја нагласи важноста на силното американско-германско партнерство, особено во однос на заедничките цели за одбрана и стабилност во Блискиот Исток и Индо-Пацификот, објави Стејт департментот.
Двајцата соговорници истакнаа дека продолжената соработка е неопходна за зачувување на трансатлантскиот мир.
Во разговорот со Баро, Рубио ја потенцираше важноста на француско-американското партнерство, подвлекувајќи ја потребата од дополнително зајакнување на одбранбената соработка и зголемување на воените инвестиции меѓу двете држави.
На средбата со Лами, Рубио ја потврди длабоката поврзаност меѓу САД и Обединетото Кралство, опишувајќи ги специјалните односи како клучни за справување со глобалните предизвици, како што се конфликтите на Блискиот Исток, војната во Украина и кинеското влијание.