Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска го повтори барањето на Европската комисија да ги истражи сите инциденти против демонстрантите во Србија и рече дека реториката во Србија против претставници на ЕУ и европските граѓани е неприфатлива.
„Нема место за ширење дезинформации, непријателска политичка реторика, вклучително и против ЕУ, против нашите граѓани, против некои угледни членови на Европскиот парламент, а во последно време и против делегацијата на ЕУ која води дијалог со политичките и граѓанските актери. Нема да има место за тоа на патот на Србија кон европската интеграција“, рече Кос во говорот во Европскиот парламент посветен на ситуацијата во Србија.
На дискусијата на пленарната седница на Европскиот парламент, еврокомесарот потврди дека институциите со седиште во Брисел будно ги следат настаните во Србија. Таа потсети дека во неодамнешното отворено писмо Европската комисија ја изрази својата загриженост за инцидентите врз демонстрантите и дека очекува целосна, непристрасна и брза истрага за овие напади.
„Решение не може да биде ниту јазикот што поттикнува насилство и недостаток на меѓусебно почитување. Изразивме загриженост за односот на властите кон група мирни граѓански активисти од земјите-членки на ЕУ и земјите кандидати кои беа приведени и подоцна побараа од властите да ја напуштат Србија бидејќи претставуваат безбедносен ризик“, подвлече Марта Кос.
Таа пред европските претставници ја изрази својата посебна загриженост за извештаите за незаконски пристап до личните податоци на граѓаните и активистите и објавувањето на таквите податоци.
Кос оцени и дека е неопходно да се создадат услови за инклузивен дијалог во кој би се вклучиле сите релевантни актери за да се постигне консензус за реформите кои се неопходни за напредок на Србија кон ЕУ.