Марта Кос, новинарката која пливаше за Југославија е новата комесарка за проширување

од Milan1
55 прегледи

Европската комисија доби ново име за клучна функција – Словенката Марта Кос ќе биде задолжена за проширувањето на Европската унија, вклучително и за источното соседство. Оваа одлука ја соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при претставувањето на новиот тим на комесари.

Кос ќе биде одговорна за поддршка на Украина во нејзината реконструкција и помагање на земјите кандидати да се подготват за членство во ЕУ. Нејзиното назначување дојде откако Словенија минатата недела ја потврди Кос за свој кандидат за еврокомесар, а откако Томаж Васел ја повлече кандидатурата.

Нејзината кандидатура предизвика бурни реакции во Словенија откако шефицата на словенечката делегација во Европската народна партија (ЕПП), Романа Томц, ја доведе во контакт со поранешната југословенска тајна полиција, односно УДБ.

Кос во изјава за „Евроњуз“ ги отфрли овие обвинувања.

Урсула фон дер Лајен ја објасни нејзината кандидатура и како стратегија за зголемување на застапеноста на жените во новиот состав на Европската комисија, наведува „Политико“.

Дипломат од кариера

Марта Кос, која на функцијата комесар ќе го замени Унгарецот Оливер Вархелји, има богата дипломатска и политичка кариера. Била амбасадорка на Словенија во Германија, Швајцарија, Латвија и Лихтенштајн. Како што дознава „Косово онлајн“, токму додека била амбасадор во Германија се запознала со Фон дер Лајен, која тогаш бил министер за одбрана.

Кариерата како амбасадор во Швајцарија ја завршила во 2020 година со оставка поради, како што самата изјави, несогласување со надворешната политика на владата. Тогаш таа потврди и дека нејзината оставка е поврзана со вонредниот надзор на нејзиното раководење со амбасадата во Берн.

Како што напиша словенечки „Дневник“, причина за надзорот биле поплаките на вработените за несоодветно управување со амбасадата.

Две години подоцна, во пресрет на претседателските избори, таа беше кандидат на Движењето на слободата за претседател на Словенија, но ја повлече кандидатурата, а набргу потоа ја напушти партијата, изјавувајќи дека „тоа повеќе не е нејзина партија“. .

Започнала како новинарка

На „Linkedin“, Кос е опишана како искусен дипломат, бизнис лидер, консултант и експерт за комуникации. Има неколкугодишно лидерско искуство на раководни позиции и долги години е активна на полето на родовата еднаквост.

До 2003 година беше потпретседател за меѓународни односи во Трговско-индустриската комора на Словенија, а моментално е претседателка на здружението на жени ОНА ВЕ и е активна во менаџмент консалтинг. Од 2003 до 2013 година, таа раководеше со „Gustav Kaser Training International“, компанија специјализирана за обука за лидерство и продажба.

Кос студирала новинарство во Љубљана, а пред дипломатската кариера работела како новинар во Словенечката национална радио-телевизија, а потоа како дописник во Германија за Дојче веле. Потоа стана директор на Секторот за односи со јавноста и медиуми во Владата на Република Словенија и портпарол на Владата и од таа функција влезе во политиката.

Покрај професионалните достигнувања, Кос е поранешна врвна пливачка и била член на словенечката и југословенската пливачка репрезентација. Таа е страствен планинар и, како што вели, сака да чита.

Добитничка е на наградата Прешерн за студенти, добитничка на титулата „Амбасадор на годината 2016 во Германија“ и добитничка на наградата на германскиот претседател, Големиот федерален крст за заслуги на Сојузна Република Германија.

Приватен живот

Марта Кос е родена на 28 јуни 1965 година. Според достапните податоци, таа по 16 години брак се развела од првиот сопруг и моментално живее во Женева со вториот сопруг Анри Гетаз, генералниот секретар на Европската асоцијација за слободна трговија.

Нејзиниот брат Драго Кос е еден од најпознатите словенечки меѓународни експерти во борбата против корупцијата.

Слични содржини