Мартенс од Делегацијата на германското стопанство: Ќе следи тренд на зголемување на постоечките инвестиции во Македонија

од Vladimir Zorba
947 прегледи

Германските инвеститори во земјава ќе продолжат со проширување на своите инвестиции а во најава се и нови  компании од ИТ секторот, услужната дејност,..”Покрај нови инвестиции, во моментов германските инвеститори кои веќе работат во земјата се во фаза на реинвестирање во нови производни капацитети, заклучно можам да кажам дека ќе следи тренд на зголемување на веќе постоечките инвестиции во земјата”, вели во интервју за локално.мк директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс.

Дали некој ќе инвестира тука според него, зависи од многу фактори, од побарувачката, од непредвидливи ситуации како застој во синџирот на добавувачи предизвикан од недостиг на чипови за автомобилската индустрија но најзначајно прашање вели е расположивоста на стручен кадар. “Компаниите се постојано во потрага по квалификуван кадар. Овој фактор сè уште е голем предизвик за компаниите, а воедно и ризик.

Во пандемијата германските инвеститори не го намалија бројот на работници, дециден е Мартенс, туку  свесни дека перосналот е клучен, заедно чекореа.

Нивна заедничка цел е раст и развој и доколку погледнеме на периодот што следи, целта е зголемување на бројот на вработени во фабриките. Во очекување да се зголеми процентот на вакцинирани лица за да не дојде до ограничување на можностите за патување, Мартенс заклучува-“Бизнисот ќе биде погоден доколку можностите за патување се ограничени, бидејќи и новите инвестиции, но и извозот зависат од можностите за патување. Забраната за патување може да предизвика и застој при инсталирање на нови машини кои се потребни за нови производни линии, а тоа ќе резултира со застој во производството.

Работата на Владата од почетокот на оваа година не наиде на позитивни оценки од страна на германските инвеститори во земјава. Какви се најновите анализи?

-Во моментот сметам дека германските инвеститори во земјата ќе продолжат со проширување на своите инвестиции, но во земјата ќе дојдат и нови инвестиции. Компании од ИТ-сектор, компании од услужна дејност, call центри, компании со средна големина. Два значајни фактори ќе имаат силно влијание во следните десет до дваесет години на синџирот на добавувачи. Едниот е Green deal политика во чиј фокус е постигнување на  CO2 неутрално производството, вториот фактор се промените кои ќе следат во синџирите на добавувачи, компаниите-добавувачи сакаат да се доближат до своите купувачи. Законот за грижа за синџири на добавувачи ќе има измени во Германија, измените ќе доведат до тоа да се спроведе оценување на добавувачите, компаниите производители ќе се префрлат во земји во кои постои задолжителна законска обврска за исполнување на сите етички, социјални стандарди во производството. Тука држава како Северна Македонија може да направи позитивен развој и има големи шанси во привлекувањето на нови инвестиции.

Во првиот квартал, дури 31 % од германските инвеститори рекоа дека не би реинвестирале во земјава но вие најавувате нови инвестиции.Дали тоа значи дека лошите ефекти од пандемијата полека но сигурно се надминуваат?

-Во однос на темата реинвестиции во земјата само можеме да потврдиме дека изминатите месеци компанијата Дркселмајер, ја реализираше својата втора инвестиција во Куманово. Компанијата Гересхајмер се во последна фаза на етаблирање и набрзо планираат да отпочнат со производство. Има компании кои сè уште прават анализа на пазарот. Покрај нови инвестиции, во моментов германските инвеститори кои веќе работат во земјата се во фаза на реинвестирање во нови производни капацитети.Можам да кажам дека ќе следи тренд на зголемување на веќе постоечките инвестиции во земјата. Кога ќе заврши пандемијата никој од нас не знае. Од медицински аспект пандемијата е болест, но покрај тоа пандемијата остави и силни траги и на стопанството.За време на пандемијата одеднаш одредени суровини како на пример оние кои се произведуваат од пластични материјали, чипови, но и полупроводници, не беа достапни на светските пазари, тоа предизвика прекин во синџири на добавувачи, клиентите не можеа да ги добијат своите нарачки. Кај поголем дел од германските инвеститори во земјата запре производството одреден период.

Кои се најголемите ризици за работата кои ги наведуваат компаниите?

-При анализа на факторите во однос на условите за инвестирање, се зависи од тоа како се развива побарувачка, дали има побарувачка од страна на клиентите во автомобилската индустрија, дали се соочуваме со фактори кои во моментот не се предвидливи. Како застојот во синџирот на добавувачи кој предизвика застој во производството во Германија, но и застој на производството и тука. Најзначајното прашање е расположливоста на стручен кадар и персонал во земјата. Компаниите се постојано во потрга по квалификуван кадар.Овој фактор сè уште е голем предизвик, а воедно и ризик.

Многу од компаниите како што рековте, се соочуваат со проблемот со снабдување со суровини што на крајот ги поскапува нивните производи и услуги. Како германските компании во Македонија се справуваат со вакви проблеми но и со мерките кои ги наметна пандемијата?

-Компаниите се прилагодија на пандемијата, оние кои беа во можност воведоа работа од дома, во фабриките се зголемија трошоците со воведување на дополнителни стандарди  за хигиена, но сега се поставени тие стандарди за хигиена и компаниите се придржуваат до нив без разлика што тоа им ја зголеми цената на производство. Имаме голем број на примери кои посочуваат на тоа дека вработените се заразуваат надвор од работното место. Да, можам да кажам дека и германските компании се соочуваат со проблемите со снабдување со сурови како и зголемувањето на цената на услугите. И кај нив делумно мирува производството, тие не можат да одговорат на нарачките на нивните клиенти во Германија, бидејќи им недостигаа на пример полупроводници.

Пандемијата низ светот предизвика голем број отпуштања на вработените. Дали таков беше случајот и со германските компании во земјава и дали до крајот на годинава може да се очекуваат промени на бројот на вработени?

-За време на пандемијата во однос на отпуштањето на вработени, можам да кажам во однос на германските инвеститори, дека немаше намалување на бројот на вработени. Сите инвеститори беа свесни дека персоналот е од клучно значење и за време на кризата и вработените и менаџментот чекореа заедно. Нивна заедничка цел е раст и развој и доколку погледнеме на период кој следи, цел е зголемување на бројот на вработени во фабриките.

Се наоѓаме сред четвртиот бран на КОВИД 19. Какви се очекувањата на стопанствениците до крајот на годинава во однос на деловното опкружување, извозот, инвестициите, ликвидноста?

-Се надевам дека ќе се зголеми процентот на вакцинирани лица со цел полесно да ја поминеме оваа есен во споредба со есента минатата година. Бизнисот ќе биде погоден доколку, можностите за патување се ограничени, бидејќи и нови инвестиции, но и извозот зависат од можностите за патување. Забраната за патување може да предизвика и застој при инсталирање на нови машини кои се потребни за нови производни линии, а тоа ќе резултира со застој во производството. Но генерално гледано на глобалната економија пандемијата остави најголеми траги на синџирот на добавувачи, доведе до поскапување на поморскиот транспорт како и на цената на контејнерите, недостиг на одредени суровини и компоненти кои се потребни на индустријата, ова се проблеми со кои се соочува стопанството како последица од Ковид-19 пандемијата.

Германската стопанска комора беше меѓу првите која го препозна  недостигот на квалификуван кадар како  горлив проблем и започна со имплементација на дуално образование. Што мислите на кого повеќе му помага дуалното образование, дали на компаниите или на учениците ?

-Делегацијата на германското стопанство заедно со германските инвеститори го препозна проблемот со недостаток на стручна квалификувана работна сила. Пред пет години започнавме со оваа инцијатива сега соработуваме со 12 компании- партнери во шест градови и секоја година се запишуваа 100 нови ученици. Во моментов 400 ученици се образуваат во една од двете квалификации, „Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“ кои беа изработени по германски стандарди и со зголемена практична обука во компаниите. На голем број Универзитети во многу европски земји понудата за студирање е многу шаренолика, но не се она што им се нуди на младите на Универзитетите има примена и потреба во стопанството. Се обидуваме да ги идентификуваме потребите на компаниите, воедно се залагаме и на родителите да им ги преставиме одличните перспективи кои германските, но и интернационалните компании-партнери во земјата ги нудат на учениците, бидејќи компаниите сакаат да ги задржат младите квалификувани кадри и да им понудат можност за градење на кариера.

Што во оваа насока барате како помош од страна на Македонската Влада и на кои полиња добивте ветување за помош?

-Во однос на нашата соработка со македонската Влада, можам да кажам дека за нас е најважно да имаме партнери на кои ќе можеме да се потпреме и кои водат предвидлива политика, тука не спаѓа само централната власт, туку и локалната. Локалната власт, општините, училиштата,е особено важна за нас во делот на дуалното стручно образование.Тука би сакал да ја пофалам соработката со Министерството за образование, кое не поддржува во целост во имплементацијата на овој проект. Се препознава добрата волја на Владата, но и понатаму треба да ги детектираме проблемите и директно да ги посочиме, како и заеднички да се заложиме за нивно решавање.  Повторно ќе речам некогаш не е се во рацете на централната власт, некогаш  некои нешта зависат и од локална Власт. Сметам дека треба да се зајакне администрацијата, тука мислам на нивната компетентност. Сметам дека тоа за сите ќе биде ВИН-ВИН ситуација.  На секои три месеци организираме тркалезна маса со Владата, тука разговараме отворено за сите проблеми и предлози на компаниите. Сметам дека Владата со сериозност пристапува кон овој начин на комуникација и се залага за решавање на презентираните предлози.

Во март беше најавено дека две германски компании подготвуваат големи инвестиции во Скопје. До каде се овие проекти?

-Можам да кажам дека инвестицијата во сферата на медицината, беше малку одложена како последица на пандемијата, но наскоро таа инвестиција ќе започне со работа, подготовките се во тек .Втората инвестиција во Скопје е во доменот на сервисната дејност и ИТ-услугите. Компанијата е интернационална групација, а тука има во план да вработи 500 лица. Колку што сум известен, набрзо планира и да започне со вработување.

К.В.С.

Слични содржини