Мартенс: Растот на слободните економски зони во С.Македонија интересна можност за германските компании

од Берта Китинска
302 прегледи

Како последица од настанатата криза со коронавирусот, веќе може да се каже дека ќе има промени на пазарот на трудот во Германија, но и во Северна Македонија. Со зголемувањето на невработеноста во Германија, емиграцијата од Северна Македонија во Германија истовремено ќе се намали. За компаниите во Северна Македонија, ова значи дека достапноста на работната сила може да се зголеми индиректно, наведува во денешната утринска телеграма директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс.

Повикувајќи се на стручната анализа што ја објави Делегацијата во понеделникот, на 20 март годинава, Мартенс вели дека со растот на слободните економски зони во Северна Македонија и заживувањето на старите индустриски објекти, се појавуваат интересни можности за германските компании.

Во овој момент, оценува, особено е битно да се поддржат компаниите кои се важни за системот, како и компаниите кои се поставени на здрава основа.

На прашањето, пак, за последователните трошоци како резултат од користењето на мерките за поддршка на стопанството кое, според него, си го поставуваат сите компании, треба да се одговори што поскоро и транспарентно.

-Минатата недела Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК) ги претстави резултатите од World Business Outlook анкетата (пролет 2020), која се спроведе помеѓу германските комори во светот. Добиените резултати покажуваат дека германските компании во странство ги чувствуваат во целост последиците од пандемијата на корона вирусот. Сите релевантни истражувања кои се спроведени досега се разликуваат во однос на степенот на претстојниот пад во стопанството во нивните земји. Прогнозите се менуваат секојдневно и се одраз на фактот дека во моментов сè уште ситуацијата не е јасна, пишува Мартенс.

Додава и дека за да се спречат последиците од економската криза споредливи со онаа од 1929 година, Владите во САД, Германија, но исто така и во Северна Македонија презедоа силни мерки за јакнење на компаниите и не ги повторија грешките направени со водење политика на штедење кои беа направени во 1929 година.

-Особено е важно да се поддржат компаниите кои се важни за системот, како и компаниите кои се поставени на здрава основа. Одржливото закрепнување на економијата нема потреба само од терапија што ќе делува веднаш, туку има потреба и од чувство за пропорција „Вклучување на државата што е можно помалку, вклучување на државата онолку колку што е потребно“. Откако компаниите ги поздравија мерките за поддршка на стопанството, треба да стремат кон што е можно поскоро враќање со полна снага на пазарот, пишува Мартенс во утринската телеграма.

Слични содржини