Маса за двајца, метафора за комуникацијата и осаменоста во Њујорк

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Колку често седнувате до непознати во кафуле или парк за да започнете обичен, човечки разговор? Заинтригирана од темата за осаменоста во големите градови, француската уметница Шани Ха изведе инсталација во Њујорк, која се обидува да го предизвика и да го измени парадоксот на изолација и осаменост додека сме опкружени со врвулици луѓе. Инсталацијата има за цел да ги поттикне Њујоркчани поинтензивно да комуницираат меѓу себе за да се збогуваат со осаменоста и со самоизолацијата. Урбаната интервенција изведена во арт-кафулето „AyzART“, именувана како „Table for two“, опфаќа маса за двајца што е поделена со стаклената фасада на кафулето, каде што едниот од соговорниците е од внатрешната страна, а другиот од надворешната.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Table For Two by Shani Ha 4Проектот е инспириран од размислувањето за животот во Њујорк и општо во големите градови. Како што објаснува Ха во описот за проектот, иако Њујорк е огромен и пренаселен град, илјадници луѓе во него секој ден се чувствуваат осамени. Луѓето сè повеќе се игнорираат едни со други, директната комуникација и запознавањето луѓе на најприроден начин преку вистински разговор  е заменета со комуникација преку интернет-апликации и преку екраните на мобилните и на компјутерите. „Ја губиме врската со реалноста и реалните луѓе, што ја зголемува нашата тенденција кон егоцентричност и ја намалува емпатијата кон другите луѓе“, се вели во описот за интервенцијата.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Со цел да ја заскокотка јавноста за оваа тема, Ха игра со контекстот на кафулето, делејќи ја вообичаената ресторанска маса на две како дел од интерактивната инсталација. Поделена помеѓу внатрешниот и надворешниот дел, инсталацијата игра со границите помеѓу приватниот и јавниот простор, со цел да ги набљудува и да ги испита друштвените навики, активности и интеракции во Њујорк. Стаклената преграда со која е поделена масата во исто време и ги дели, но и ги зближува двајцата кои се седнати на секоја од страните, независно дали се познајници или непознати. Со тоа што едниот дел од масата е неприродно надвор, се отвора можност за случајни минувачи, посетители на кафулето додека поминуваат или се надвор на пауза од кафулето да седнат и да се најдат очи во очи со човекот седнат на масата од соседната страна, дојден сам на ручек или на кафе.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Целта е оваа интерактивна инсталација да ја покрене свеста и размислувањето за другите околу нас што често не ги ни забележуваме иако се движиме во врвулица луѓе, да поттикне дебата на темата дружење и општествена интеракција, изолација при секојдневни ситуации во Њујорк. Стаклената преграда е искористена како симбол за мониторите преку кои сме навикнати да комуницираме со познатите и да се запознаваме со нови личности, елемент што во исто време и нѐ зближува и нѐ оддалечува едни од други, форсирајќи ја интернет-комуникацијата наместо директниот разговор лице в лице. Во конкретниот случај таа може да послужи за поспонтана комуникација со лицето од другата страна.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

„Кога двајца ја делат масата, може да одлучат или да се погледнат еден со друг, или, пак, да гледаат во сопствениот одраз во стаклото, соочувајќи се на тој начин со фактот дека стануваме сè позасегнати сами со себе и некогаш присуството на другите само го потврдува нашето постоење, како еден вид огледало. Кога седи сам, посетителот ќе се соочи со празна маса и сопствениот израз во стаклото, како потсетник за потребата за самоиспитување, или, пак, со чувството на осаменост. Поради ова, инсталацијата може да се протолкува како метафора за општествената комуникација, интеракција и навики во големите градови како Њујорк, каде што луѓето може да се заедно, блиску едни до други, но да се чувствуваат осамени и неповрзани“, вели Ха опишувајќи го проектот.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Оваа интервенција нуди можност за поврзување на просторот и луѓето преку обична, банална активност како заедничкото седење на маса. „Јас сум од Париз, но, бидејќи живеам и работам во Њујорк, принудена сум да комуницирам со сите кои ми се блиски и драги преку интернет и преку компјутерски монитор. Ме фасцинира фактот што може да сме толку многу блиску поврзани со луѓето што се далеку со километри од нас, а во исто време толку неповрзани, отсечени со луѓето што нè опкружуваат. Оваа инсталација има за цел да ја врати свеста за луѓето и да ја зачува емпатијата која треба да ја чувствуваме кон другите. Можеби звучи идеалистички, но верувам дека уметноста е начинот преку кој реалноста може да се зарази со идеите за општествена утопија“, вели младата француска уметница.

Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche
Фото: Shani Ha and Kevain Delpesche

Ха во моментов работи во Њујорк и главно е фокусирана на изработка на интерактивни скулптури што испитуваат различни функционални и општествени концепти. Француската уметница досега има изложувано во Франција, Конго и во САД.

„Table for two“ може да се види и да се тестира сè до 8. март во арт-кафулето „AyzART“ на 17. Авенија.

 

DesignMk