Напаѓачите прво ги побарале личните карти на туристите, а потоа отвориле оган. Десетици луѓе загинаа денеска откако вооружени лица во Кашмир отворија оган врз група туристи околу 14:30 часот, јавува „Ројтерс“. Според индиската полиција, досега е потврдено дека загинале најмалку 24 лица, но според локалните извештаи, бројот на загинати најверојатно ќе се искачи меѓу 26 и 30, пренесува „Дејли Мејл“.
Нападот се случил во популарното летувалиште Пахалгам, на околу 90 километри од градот Сринагар. Индиските медиуми објавија дека група од две до три лица, вооружени со пиштоли, се појавила во областа и првично побарале од туристите да ги покажат своите лични карти. Само неколку моменти подоцна, тие наводно отвориле оган. Индискиот премиер, Нарендра Моди, изјави дека сторителите на терористичкиот напад во Кашмир нема да бидат поштедени.
„Најостро го осудувам терористичкиот напад во Пахалгам, Џаму и Кашмир. Моето сочувство до оние кои ги загубија своите најблиски. Се молам повредените брзо да оздрават“, напиша тој на платформата „Икс“.