Масакрот во Тајланд извршен поради дрога? Претресена куќата на монструмот

од Nikola Popovski

Тајландската полиција даде повеќе детали за масакрот што денеска се случи во таа земја.

Имено, најмалку 38 лица загинаа во масовно пукање во североисточниот дел на Тајланд, изјави портпаролот на полицијата за Ројтерс. Пукањето се случило во градинка во Нонг Буа Ламфу.

Полицијата соопшти дека меѓу убиените има и деца, а сторителот е поранешен полицаец. Убиецот на крајот извршил самоубиство во неговата семејна куќа.

„По прегледот на местото на злосторството, откривме дека сторителот се обидел да упадне во градинката и главно употребил нож за да го изврши злосторството, убивајќи неколку мали деца, додека неколку преживеале“, изјави началникот на тајландската национална полиција Дамронгсак Китипрапат, според хрватски „Индекс“.

„Потоа излегол и почнал да ги убива сите што ќе ги сретне на патот со пиштол и нож додека не стигнал до својот дом. Ја опколивме куќата и тогаш откривме дека извршил самоубиство“, рече тој.

Началникот на полицијата соопшти дека осомничениот утрово имал судско рочиште за обвиненијата за поседување дрога.

„Не престана да користи дрога кога излезе од затвор. Можно е да бил во халуцинација и под стрес кога ги извршил делата. Почна со градинката, а потоа продолжи со злосторствата во својот дом“, рече Китипрапат.

При претресот на куќата на убиецот полицијата пронашла дрога јаба

Тајландската полиција претходно денеска извести дека напаѓачот од градинката имал проблем со дрога и бил уапсен во јануари поради поседување метамфетамин. Сега полицијата известува дека убиецот ја конзумирал и дрогата „јаба“, како и „ајс“, односно кристал мет.

При претресот на куќата на убиецот, полицијата пронашла јаба, што значи комбинација од метамфетамин и кофеин. Станува збор за таблета која обично се дроби и пуши, а во Тајланд е позната како „луда дрога“.

Тој утре требаше да ја добие пресудата за поседување дрога, а неколку часа пред нападот бил на судско рочиште.

Фото: ViralPress / Viral Press / Profimedia

Слични содржини