Масар Омерагиќ е нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија

од Milan1
50 прегледи

На денешното вонредно изборно генерално Собрание на ФФМ, Масар Омерагиќ со акламација е избран за прв човек на македонскиот фудбал. Изборот се одржа, по оставката на неговиот претходник Муамед Сејдини.

„Трпение, упорност и многу жртвувања! И јас сум еден од вас, човек од фудбалот. Знам како треба и знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија.

Фудбалот е тимска работа и поединец не може сам. Како и на теренот, треба многу трчање, многу работа, многу пот за да се стигне до победата. Таков е фудбалот во кој се паметат само победите и успесите, а таква е и претседателската работа во федерацијата.

Заедно ќе се радуваме на успесите, заедно ќе тагуваме во поразите. Ова е спорт во кој нема денес за утре, ова е спорт кој бара напорна работа и многу добар тим за да се постигне целта, изјави Омерагиќ по изборот.

Тој најави кои ќе бидат негови приоритети.

– Враќање на легендите во структурите на ФФМ, на фудбалски работници и имиња кои допринеле нашата земја, Република Македонија, да биде позната на фудбалски план, а имаат желба да помогнат. Чест ми е што мојот тим и мојата програма ја препознаа многу наши истакнати фудбалски имиња.

– Фудбал за секое дете. Мојот сон во минатото, но и сонот на секое дете кога ќе порасне е да биде фудбалер, добар фудбалер. Сите ние сме биле во тој сон, а ние тука и ние од утре заедно треба да му дадеме шанса на секое дете да го живее својот фудбалски сон. Затоа максимална и темелна програма и систем за унапредување на младинскиот фудбал, младинските селекции, женскиот фудбал, судиската и тренерската организација.

– Регуларно првенство, враќање на публиката на теренот и силни клубови. Под итно воведување на ВАР технологија на стадионите. А, потоа и инфраструктура со трибини, рефлектори и терени.

Тоа ќе биде еден од приоритетите. Ќе создадеме средина каде што секој играч од грасрут до професионално ниво ќе има пристап до квалитетни терени. Оваа цел заеднички ќе ја оствариме со поддршка на УЕФА И ФИФА, со помош од државните институции и локалната самоуправа.

– Спонзор на Лигата, спонзор за судиската организација. Сигурност за фудбалерите и грижа за лиценцниот систем во клубовите. Максимална соработка со сите клубови во интерес на фудбалот.

Обединување околу националните селекции и максимална поддршка во подготовките на сите репрезентации. Фудбалот е спорт кој ги обединува сите разноликости, а Македонија е пример.

– Чесност, чист образ и транспарентност. Тоа можам да ви го ветам сега и веднаш. Вратите на ФФМ се ширум отворено за сите кои имаат визија, програма и идеи за развој на фудбалот. Но, ќе биде и затворена за сите оние кои работат спротивно на интересите на фудбалското семејство во Република Македонија и се влезени во фудбалот од интерес и го злоупотребуваат овој спорт за лични интереси и на штета на сите нас. Таквите ќе имаат голем непријател во мене.

Рак рана години наназад беше корупцијата и врските како начин за успех каде што многу млади вистински таленти се демотивираа и откажуваа од фудбалот. Во многу од државите фудбалските работници го променија тоа, на ред сме ние.

Нулта толеранција за корупција во фудбалот и вистинска шанса за секој квалитетен талент кој мотивирано ќе работи да се докаже и успее, а успехот на секое дете помогнат од нас, ќе биде успех на целата јавност и држава.

Немам волшебно стапче, но имам и визија и трпение и добар тим околу себе.

Веќе од утре почнуваме со напорна и тешка работа. Заедно ќе успееме“, рече Омерагиќ.

Вонредното собрание на кое е избран Омерагиќ следи по оставката на неговиот претходни, Муамед Сејдини. Тој се повлече од функцијата минатиот месец, четири месеци пред да му истече вториот мандат на чело на ФФМ.

Слични содржини