Милијардерот Илон Маск, кој ја предводи американската Комисија за владина ефикасност (DOGE), во вторникот во Белата куќа рече дека без буџетски намалувања, САД се движат кон „банкрот“.
„Имаме дефицит од 2 трилиони долари и ако не преземеме нешто за тој дефицит, земјата ќе банкротира“, рече Маск во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го назначи да раководи со Комисијата.
Опозициската Демократска партија во САД ги осудува постапките на Маск, сметајќи ги за незаконски, бидејќи милијардерот нема изборен мандат за комисијата, ниту е официјално член на владата.
Заедничко појавување на Маск и Трамо доаѓа откако американскиот претседател потпиша извршна наредба со нови насоки за федералните агенции за спроведување на иницијативата на „DOGE“, за која Маск и Трамп тврдат дека има за цел да ги намали прекумерните владини трошоци.
Трамп изјави дека „DOGE“ веќе откри „милијарди и милијарди долари потрошени пари, измами и злоупотреба“, додавајќи дека конечната проценка може да достигне „близу трилион долари“. Сепак, ниту Трамп ниту Маск не објаснија како стигнале до овие бројки.