Сопственикот на компаниите „Тесла“ и „Спејсикс“, Илон Маск, кој неодамна беше прогласен за најбогат човек на светот, повторно се најде на второто место на листата на најбогати, бидејќи неговото богатство падна за скоро 14 милијарди долари за еден ден.
Акциите на неговата компанија за електрични возила, Тесла, вчера паднаа скоро осум проценти, со што нето-вредноста на Маск се намали за 13,5 милијарди долари на 176,2 милијарди долари.
Така, откако минатиот петок накратко го престигна извршниот директор на Амазон, Џеф Безос, како најбогата личност во светот, според проценките на Форбс, Маск повторно се најде на второто место на таа листа.
Сега заостанува околу 6 милијарди долари зад Безос, чија нето вредност се проценува на 182,1 милијарди долари.
Акциите на Амазон вчера паднаа за повеќе од 2 проценти, што исто така ја намали нето-вредноста на Безос за 3,6 милијарди долари.
И покрај падот, Маск е сè уште околу 20 милијарди долари побогат од третиот најбогат човек во светот, францускиот тајкун во секторот на луксузни стоки, Бернард Арно.
Вредноста на Арно се проценува на 154,6 милијарди долари.