Маск го носеше својот тригодишен син на раменици во Аушвиц „како да се во Дизниленд“

од Stefanija Kuzmanovska
381 прегледи

Музејот на поранешниот германски концентрационен логор Аушвиц-Биркенау залудно го предупредил американскиот милијардер Елон Маск дека неговиот тригодишен син, кого го понел со себе во посетата, е премногу млад за да ја види поранешната најголема фабрика на смртта која Хитлеровата Германија ја изгради во окупираната Полска.

„Музејот не препорачува деца помлади од 14 години да го посетуваат логорот. Сепак, одлуката е на родителите и старателите. Пред да започне турнејата, вработените во музејот ги предупредуваат возрасните за специфичната природа на местото и дека посетата може да биде мачна за младите. Тој разговор се одржа и при оваа посета“, изјави портпаролот на музејот во Аушвиц, Бартош Бартизел.

Многу остри коментари на социјалните мрежи предизвика и фактот што Маск со тригодишното дете го обиколи најголемото место за истребување на Евреите од времето на холокаустот и го носеше на раменици „како да се во Дизниленд“, а некои прашаа како персоналот на музејот Аушвиц го дозволил тоа.

Маск, основачот на компаниите „Тесла“ и „Спејс Икс“ и сопственик на социјалната мрежа Х, пристигна во Полска на покана на Европската еврејска асоцијација на симпозиум за антисемитизмот на интернет, одржан во Краков.

Тој одговори на повикот по лавината обвинувања дека мрежата Х шири антисемитски пораки и остри коментари за неговата порака минатата есен во која се согласи со анонимен коментар дека еврејските заедници шират омраза против белците и се одговорни за „ордите на малцинствата“ кои ги „преплавуваат“ САД.

Маск подоцна се огради и изјави дека пораката е една од најглупавите што ги објавил и ја прифати поканата од рабинот Менахем Марголин, шеф на Европската еврејска асоцијација, да го посети логорот и лично да ги види размерите на холокаустот.

На симпозиумот, Маск ја бранеше својата социјална мрежа со тоа дека наводно има најмалку антисемитска содржина и дека таму „цвета“ слободата на говорот.

„Необично е тажно и трагично тоа што некои луѓе им го направија на други луѓе. Ако тогаш имавме социјални мрежи, ова немаше да може да се случи“, оцени Маск на симпозиумот, зборувајќи за своите впечатоци по посетата на кампот.

Во окупирана Полска, Германија го изгради концентрациониот логор Аушвиц првично за Полјаците, но подоцна гасните комори станаа централно место за спроведување на монструозниот нацистички план за ликвидација на европските Евреи.

За време на Втората светска војна, околу 1,1 милион луѓе, главно Евреи, како и Роми, Полјаци, советски воени заробеници и членови на други европски народи, беа убиени или умреле од нехумани услови во логорот Аушвиц-Биркенау.

Слични содржини