Американскиот милијардер и сопственик на SpaceX, Елон Маск, објави дека компанијата го повлекла барањето до Пентагон да го преземе финансирањето на сателитскиот комуникациски систем Starlink во Украина.
„SpaceX веќе го повлече барањето за финансирање“, напиша Маск во објавата на социјалната мрежа Твитер, коментирајќи ја статијата објавена од Politico, пренесе „Танјуг“.
Politico вчера, повикувајќи се на свои извори, објави дека Пентагон ја разгледува можноста за независно финансирање на Starlink во Украина.
Американската телевизија Си-Ен-Ен минатата недела објави дека SpaceX испратил писмо до министерството за одбрана на САД, во кое ги информира дека ќе престане да плаќа за работата на системот Starlink во Украина и бара од Пентагон да ги преземе дополнителните трошоци за финансирање на работата на системот. Набргу потоа, Маск објави дека сепак ќе продолжи да го финансира овој сателитски систем.
Службеникот за комуникации на Пентагон, полковникот Гарон Гарн, вчера изјави за ТАСС дека министерството за одбрана на САД е во контакт со SpaceX и дека тие „во моментов ги разработуваат деталите“ за функционирањето на Starlink.