Американскиот милијардер Илон Маск испрати нова порака до персоналот на Твитер во која им даде рок до денес да одлучат дали сакаат да останат во компанијата со „продолжено работно време и висок интензитет на работа“ или да земат отпремнина во износ од три месечни плати.
Маск изјави дека би сметал дека секој вработен ќе даде отказ доколку до четврток навечер по њујоршко време не кликнат на врската што потврдува дека „сакаат да бидат дел од новиот Твитер“, објави Ројтерс.
-Каква и да донесете одлука, ви благодариме за напорите да го направите Tвитер успешен, се вели во пораката.
Ројтерс дошол до увид на копија од пораката, која прв ја објави Вашингтон пост, а лице кое ја примило пораката на Твитер ја потврдило нејзината содржина.
Твитер не одговори веднаш на барањето на британската агенција за коментар.
– Во перспектива, за да постигнеме пробив на Tвитер 2.0 и да успееме во се поконкурентен свет, ќе мораме да бидеме исклучително ангажирани. Тоа ќе значи долги работни часови со висок работен интензитет. Преодна оценка ќе добие само исклучителен работен учинок- се вели во пораката на Маск.
Тој додаде дека водењето на Твитер многу повеќе ќе се потпира на инженерството под негово водство и дека „оние кои пишуваат одличен код ќе го сочинуваат мнозинството од тимот и ќе имаат најголемо влијание“.
Твитер отпушти повеќе од половина од својата работна сила на почетокот на овој месец, веднаш откако Маск ја презеде контролата врз компанијата. Маск ја критикуваше потрошувачката и работната култура на Твитер, велејќи дека на компанијата и треба големо намалување на трошоците и рестартирање на своите услуги.