Шефот на компанијата „Спејс Х“, Елон Маск, сега контролира четвртина од сите активни сателити во орбитата на Земјата.
Во последните две години „Спејс Х“ лансираше десетици сателити, а ракетата „Фалкон 9“ следната недела ќе испрати уште 60 сателити „Старлинк“ во вселената, од вселенскиот центар на НАСА „Кенеди“ во Флорида, што ќе го надмине нивниот вкупен број од 1.000 .
Планот е да се создаде „соѕвездие“ од 40.000 сателити што ќе ѝ обезбеди на Земјата брз интернет во сите делови на светот.
Анализата покажува дека во орбитата моментално има 946 сателити „Старлинк“, кои сочинуваат 27,3 проценти од сите активни вакви вселенски летала. Доколку продолжат со тоа темпо, како што пренесува „Индипендент“, „Старлинк“ би можел да сочинува половина од сите сателити во орбитата на Земјата веќе следната година.
Исто така, од сите лансирања на ракетите во светот, мисиите на „Старлинк“ сочинуваат една петтина. Ракетите на Маск лансираат сателити и за други клиенти, но исто така доставуваат одреден товар за екипажот на Меѓународната вселенска станица.
„Старлинк“ не е единствениот проект што се обидува да обезбеди брз Интернет на сите граѓани на Земјата, туку истото го прави и компанијата „OneWeb“, што е голема конкуренција за нив.
На пример, „OneWeb“ сака да има „флота“ од 648 сателити во орбитата до крајот на 2022 година, од посакуваните 7.000.
„Спејс Х“ е лиценциран за лансирање 12.000 сателити во долните слоеви на орбитата и се надева дека ќе има соѕвездие од 40.000 ако биде одобрено од властите поддржани од ООН.
Маск, кој стана најбогатиот човек на светот на почетокот на годината со богатство проценето на 200 милијарди долари, предизвика контроверзии кога рече дека неговата компанија нема да го признае меѓународното право на Марс.