Патување со ракета од едниот до другиот крај на светот, тунели за решавање на сообраќајниот метеж, средба со вонземјани или откривање на досега непозната цивилизација, се дел од визијата за иднината на милијардерот Илон Маск.
Најбогатиот човек на светот, основачот на „Тесла“ и „Спејс Икс“, кој неодамна стана сопственик на Твитер, им се обрати со видео линк до деловните луѓе кои се собраа на маргините на самитот на Г20.
Настапот на Маск беше многу необичен бидејќи зборуваше облечен во традиционална индонезиска кошула, во темна средина така што му се гледаа само лицето и рацете, а беше опкружен со свеќи.
Не е јасно каде бил Маск во моментот на говорот, според Ројтерс, додавајќи дека неговиот приватен авион бил во Остин, Тексас, каде што е седиштето на Тесла.
Маск на толпата им рекол дека „работи многу и континуирано… од утро до вечер, седум дена во неделата“, и дека има премногу да прави. Наместо да зборува за купувањето на Твитер, Маск повеќе се занимаваше со визијата за иднината и како таа ќе изгледа.
„Можеби ќе најдеме вонземски цивилизации или ќе откриеме цивилизации кои постоеле пред милиони години. Мислам дека тоа би било неверојатно интересно, да се оди таму и да се истражува галаксијата“, рече Маск.
Покрај тоа, тој ја претстави теоријата дека во иднина ќе може да се патува со ракета од едниот до другиот крај на светот за многу кратко време, помалку од еден час. Тие ракети, според идејата на Маск, би летале 20 пати побрзо од звукот. Илон Маск смета дека електричните возила и подземните тунели се одговор на сообраќајниот метеж.