Новите фабрики за автомобили на Tesla во Тексас и Берлин губат милијарди долари бидејќи се борат да го зголемат производството поради недостиг на батерии и проблеми со кинеските пристаништа. Ова го изјави извршниот директор на компанијата, Елон Маск во интервју цитирано од Ројтерс.
„И фабриките во Берлин и Остин се огромни „печки за пари“ во моментов“, им рече Маск на претставниците на официјалниот клуб на сопственици на Tesla од Силиконската долина.
Маск објасни дека фабриката на Tesla во Тексас произведува мал број автомобили поради предизвиците за зголемување на производството на новите батерии 4680. Покрај тоа, алатките за производство на 2170 конвенционалните батерии се „заглавени“ во кинеските пристаништа.
„Сето ова ќе се поправи многу брзо, но бара многу внимание“, изјави извршниот директор на Tesla.
Според него, фабриката во Берлин е во малку подобра позиција, бидејќи од самиот почеток почнала да ги користи традиционалните батерии 2170 за автомобилите изградени таму.
Според Маск, заклучувањето во Шангај поврзано со КОВИД-19 бил многу тежок период. Тоа влијаело на производството на автомобили не само во фабриката на Tesla во Шангај, туку и во фабриката во Калифорнија, која користи некои делови за возила произведени во азиската земја.
Tesla планира да го запре најголемиот дел од производството во фабриката во Шангај во првите две недели од јули за да работи на надградба на објектот, чија цел е да го зголеми капацитетот.
„Последните две години беа апсолутна ноќна мора на прекини во синџирот на снабдување, еден по друг, и сè уште не сме излегле од тоа“, рече Маск. Според него, огромен предизвик за компанијата е како да ги одржуваат фабриките да работат „за да може да ги плати вработените и да не банкротира“.
Маск претходно овој месец изјави дека има „супер лошо чувство“ за економијата и дека компанијата треба да го намали својот персонал за околу 10 отсто и да го „паузира“ вработувањето на нови луѓе ширум светот.
Оваа година, Tesla започна со производство во фабриките во Берлин и Тексас, кои се клучни за амбициите за раст на водечкиот производител на електрични автомобили.
Маск, исто така, рече дека очекува Tesla да започне со производство на своите електрични пикапи Cybertruck, што беше одложено до средината на 2023 година.