Маск нуди 100 милиони долари: Натпреварување за спас на планетата

од Nikola Popovski
134 прегледи

Шефот на Тесла и милијардер, Илон Маск понуди награда од 100 милиони долари на глобален натпревар за изнаоѓање начини за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од атмосферата на Земјата.

Маск, исто така на чело на „SpaceX“, прво објави твит за наградата во јануари, а потоа најави дека наскоро ќе ги објави деталите за натпреварувањето.

„Ова не е теоретско натпреварување, ние сакаме тимови кои ќе градат вистински системи што ќе имаат мерливо влијание и на ниво на гигатон“, рече Маск.

Деталните упатства ќе бидат објавени на 22 април, а натпреварот ќе трае четири години до Денот на планетата Земја на 2025 година, објави организаторот на натпреварувањето „XPrize“.

Година и пол од почетокот на натпреварот, најдобрите 15 тимови ќе добијат по 1 милион долари, а 25 студентски стипендии во вредност од 200 000 долари ќе бидат доделени на конкурентски студентски тимови.

Главната награда е 50 милиони долари, второто место 20 милиони долари и за третата 10 милиони долари, изјави непрофитната организација од Калифорнија.

„Ќе победат тимовите што дизајнираат и демонстрираат решение што ќе може да извлече јаглерод диоксид директно од атмосферата или океанот и трајно да го чува на еколошки начин“, додаваат од XPrize.