Американскиот претприемач Илон Маск помага за повторно поврзување на интернет на островската држава Тонга во Тихиот Океан, откако вулканската ерупција и цунамито ја отсекоа земјата од остатокот од светот пред повеќе од три недели, соопштија официјални лица.
Тие додаваат дека поправките на клучниот подводен оптички кабел за телекомуникации, кој го пресече цунамито, се покажале како потешки отколку што првично се мислело, пренесува агенцијата АП.
Висок функционер во соседните Фиџи твитна дека тим од компанијата SpaceX на Маск моментално е на Фиџи и поставува станица за да и помогне на Тонга повторно да се поврзе на Интернет преку сателитот на SpaceX.
Компанијата управува со мрежа од речиси 2.000 сателити наречена Starlink, која обезбедува интернет услуги на оддалечени локации низ светот.
Новозеландскиот политичар Шејн Рети неодамна му напиша на Маск барајќи од него да помогне во обезбедувањето на врската „Старлинк“, а откако се појавија извештаи од Фиџи, тој на Твитер напишал дека е многу задоволен и дека Илон Маск обезбедува сателит за Тонга.