На состанокот на акционерите на Tesla во четвртокот, инвеститорите го прашаа извршниот директор Елон Маск како компанијата планира да ги троши своите пари во наредните години, како и каква е неговата глобална економска перспектива.
Милијардерот се пошегува дека правењето макроекономски предвидувања е рецепт за катастрофа.
Сепак, имајќи предвид дека врвот на инфлацијата помина, тој предвидува релативно блага рецесија која ќе трае 18 месеци, пишува CNBC.
Извршниот директор ја засновал својата економска анализа на цените на стоките што Tesla мора да ги плати за материјалите потребни за производство на електрични возила.
Имаме идеја до каде одат цените затоа што кога правите милиони автомобили, мора да купувате материјали многу месеци однапред кога ќе ви бидат потребни, рече тој.
Во вториот квартал од 2022 година, руската војна против Украина и тековната пандемија на КОВИД во Кина ја попречија фабриката на Tesla во Шангај и ги влошија проблемите со синџирот на снабдување, недостигот на делови и проблемите со работната сила низ автомобилската индустрија.
Во следните години, Маск главно има намера да го зголеми својот капитал и трошоците за истражување и развој „што е можно побрзо, без да ги губиме“. Тој додаде дека „можен е некаков вид откуп на акции“, во зависност од тоа како изгледа идниот готовински тек на Tesla.
Тесла планира да произведува 20 милиони автомобили годишно до 2030 година. Оваа амбициозна цел Маск ќе ја спроведе со помош на 12 фабрики – секоја од нив ќе произведува 1,5-2 милиони машини годишно.
Tesla моментално работи со фабрики за склопување автомобили во Шангај, Фремонт (Калифорнија), Остин (Тексас) и во близина на Берлин, Германија. Таа, исто така, произведува батерии во фабрика во Спаркс, Невада, која заеднички работи со Panasonic.
Tesla неодамна го произведе своето 3 милионито возило, изјави Маск во четвртокот. Тој се надева дека ќе објави нова локација на фабриката подоцна оваа година.
За време на состанокот на акционерите, извршниот директор ги повтори ветувањата што ги дал во минатото, вклучително и дека Tesla се приближува до целта да „овозможи автономија“ и да испорача самоуправувачко возило способно да работи без возач зад воланот.
Тој ги воодушеви акционерите барајќи нивно мислење за тоа каде да ја постави следната фабрика на Tesla (многумина извикуваа „Канада“).