Милијардерот Елон Маск денеска објави дека привремено го одложил купувањето на компанијата „Твитер“ за 44 милијарди долари, додека не добие повеќе информации за тоа колку лажни или несакани сметки има на таа социјална мрежа.
На почетокот на овој месец, „Твитер“ процени дека лажните или спам сметките сочинуваат помалку од 5 отсто од неговите 229 милиони дневни активни корисници во првиот квартал, објави Ројтерс.
„Договорот со „Твитер“ е привремено одложен додека се чекаат детали кои ја поддржуваат пресметката дека спам/лажните сметки навистина претставуваат помалку од 5% од корисниците“, напиша Маск денеска на „Твитер“.
Акциите на социјалната мрежа паднаа за 17,7 отсто по неговиот твит на 37,10 долари во тргувањето пред отворањето на Њујоршката берза, што е нивно најниско ниво откако Маск објави на почетокот на април дека купил 9 отсто од акциите на „Твитер“, а потоа ја дал „најдобрата и конечна“ понуда за целосно преземање на компанијата по цена од 54,20 долари по акција.
Проценетата веројатност купопродажниот договор да биде склучен по понудената цена првпат падна под 50 отсто во вторникот, кога акциите на „Твитер“ паднаа под 46,75 долари.
Маск, најбогатиот човек на светот, изјави дека еден од неговите приоритети по преземањето на „Твитер“ ќе биде да ги отстрани „спам ботовите“ од платформата.
„Твитер“ не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар на денешната порака на Маск, а ниту неговата компанија „Тесла“ не беше достапна за коментар.