Главниот извршен директор на Tesla, Елон Маск, вели дека продал „доволно акции“ за да го исполни ветувањето дека ќе продаде 10 отсто од акциите што ги поседува во највредната автомобилска компанија во светот.
Милијардерот, кој го пресели седиштето на компанијата од Калифорнија во Тексас овој месец, откако се пресели минатата година, остро ја критикуваше Калифорнија во интервју објавено во вторникот, поради „прекумерните даноци“, пренесе Ројтерс.
Акциите на Tesla, кои се доближија до рекордни нивоа во текот на годината, изгубија околу 25 отсто откако Маск на 6 ноември објави дека ќе продаде 10 отсто од акциите во компанијата доколку потегот биде поддржан од неговите следбеници на Твитер.
Најбогатиот човек на планетата во вторникот продаде уште 583.611 акции, со што вкупниот број на продадени акции достигна 13,5 милиони, што е околу 80 отсто од сумата што планираше да ја продаде.
„Продадов доволно акции за да добијам околу 10 отсто, плус опции за акции“, рече Маск во интервју за сатиричната веб-страница „Babylon Bee“.
Запрашан дали ги продал акциите поради анкетата на Твитер, тој одговори дека мора да користи опции за акции (можност за купување акции на компанијата по привилегирана, однапред одредена цена) кои истекуваат следната година „без разлика на се“.
Тој исто така додаде дека продал дополнителни поединечни акции за да достигне близу 10 проценти, како што ветил.
Од 13,5 милиони продадени акции, 8,06 милиони се продадени за да се плати данокот на опции.
Маск во неделата на Твитер објави дека оваа година ќе плати повеќе од 11 милијарди долари данок.
„Калифорнија порано беше земја на можности, а сега станува се повеќе земја со прекумерна регулатива, прекумерни даночни оптоварувања“, рече тој, додавајќи дека „работите стануваат се потешки и потешки“ во Калифорнија.