Маск промовираше робот што ќе прави „здодевни“ работи наместо луѓето (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
381 прегледи

Директорот на „Тесла“, Елон Маск, изјави дека производителот на електрични автомобили најверојатно следната година ќе претстави прототип на хуманоиден робот за опасни, повторувачки или здодевни работи што луѓето не ги сакаат.

Богатиот претприемач на презентацијата по повод „денот на вештачката интелигенција“ на „Тесла“ рече дека роботот, висок околу 170 сантиметри, ќе може да извршува разни задачи – од вртење завртки за автомобили до земање намирници во продавници.

Маск процени дека роботот ќе има „длабоко влијание врз економијата“, решавајќи го проблемот со недостаток на работна сила. Тој напомена дека е важно да се осигура дека оваа машина не е екстремно скапа.

Презентацијата се одржа во време кога компанијата „Тесла“ е под внимание на јавноста и надлежните служби поради напредниот систем за автономно возење, кој е инсталиран во автомобили од оваа марка.

Маск не ги коментираше безбедносните прашања на оваа технологија, но рече дека е убеден дека со помош на тековните камери во возилата и компјутерите, ќе се постигне целосно автономно возење, со повисок степен на безбедност отколку кога некое лице е позади воланот.

Агенцијата за безбедност во сообраќајот започна истрага за помошта на „Тесла“ за автономно возење, поради инциденти во кои автомобилите на „Тесла“ удрија во полициски и противпожарни возила кои не се движеа.

Слични содржини