Маск се смее на најавената тужба на Twitter

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Милијардерот Елон Маск во неделата доцна навечер објави фотографии од неговата реакција на најавата на менаџментот на Twitter дека ќе го тужат и ќе го принудат да го заврши преземањето на компанијата за 44 милијарди долари.

Воздржувајќи се од какви било зборови, шефот на Tesla и SpaceX објави на Твитер меме на кој се насмевнува со натписи во кои се раскажува редоследот на настаните околу неговата понуда за преземање на Twitter во последните неколку месеци.

Фотографиите од насмеаниот Маск се проследени со натписи: „Рекоа дека не можам да го купам Twitter“, потоа: „Нема да објавуваат информации за ботови“, потоа: „Сега сакаат да ме принудат да го купам Twitter преку суд“, а до последното, кое илустрира како „пукнува од смеење“ пишува: „Сега на суд ќе треба да ги откријат информациите за ботовите“.

Целото меме го покажува безгрижниот однос на најбогатиот човек на светот во однос на сложената и скапа зделка за купување на Twitter, што се одрази на падот на акциите на „Tesla“ и поради што во неколку наврати се прибегна кон привремено финансирање.

Маск најпрво се согласи да го купи Twitter по цена од 54,20 долари по акција кон крајот на април, откако се здоби со значителен удел во компанијата што ја зголеми цената на акциите. Подоцна го изрази своето незадоволство од договорот за преземање, тврдејќи дека Twitter не успеал да открие важни информации, како што е специфичниот број на лажни сметки и спам.

„Раководството на Twitter е посветено на затворање на трансакцијата по цена и услови договорени со г-дин Маск и планира да покрене правна постапка за спроведување на договорот за спојување“, напиша во петокот извршниот директор на Twitter, Брет Тејлор.

Акциите на Twitter се тргуваа по 36,81 долари во петокот, или една третина под договорената цена за преземање.

Слични содржини