Милијардерот Илон Маск најави дека ќе ги забрани уредите на Apple од неговите компании доколку производителот на iPhone интегрира OpenAI на ниво на оперативен систем.
„Тоа е неприфатливо нарушување на безбедноста“, рече Маск во објава на платформата X, пренесува Ројтерс.
Да потсетиме, Маск е извршен директор на производителот на електрични возила Tesla и производителот на ракети SpaceX, како и сопственик на социјалната мрежа X.
„Посетителите ќе мора да ги остават своите Apple уреди на влезот, каде што ќе бидат сместени во Фарадеј кафез“, прецизира Маск.
Apple и OpenAI сè уште не одговориле на барањата за коментар.
Претходно во текот на денот, Apple објави голем број функции за вештачка интелигенција за своите апликации и оперативни платформи, како и партнерство со OpenAI за да ја донесе технологијата ChatGPT на своите уреди. Apple соопшти дека има изградено вештачка интелигенција со приватност „во основата“ и дека ќе користи комбинација од обработка на уредот и cloud computing за да ги напојува овие функции.
„Целосно е апсурдно што Apple не е доволно паметен за да изгради сопствена вештачка интелигенција, но некако може да обезбеди дека OpenAI ќе ја заштити вашата безбедност и приватност“, рече Маск. Аналитичарите веруваат дека другите веројатно нема да ја следат одлуката на Маск, посочувајќи дека Apple се обидува да им објасни на луѓето дека приватниот облак е исто толку безбеден како и складирањето податоци на уредот.
Маск го тужеше OpenAI, чиј ко-основач во 2015 година, и неговиот извршен директор Сем Алтман на почетокот на март, тврдејќи дека тие ја напуштиле првичната мисија на стартапот да развива вештачка интелигенција во корист на човештвото, а не за профит. Тој, исто така, основаше сопствен стартап, xAI, во обид да го предизвика OpenAI и да изгради алтернатива на популарниот чет-бот ChatGPT.