Да се потсетиме на 16 ноември 2017 година. Токму на тој датум Tesla го симна превезот од прототипот на втората генерација на Roadster.
Ако напредуваме до денес, ќе видиме дека електричниот супер спортист сè уште не ја видел светлината на денот. Сепак, на чекањето му се ближи крајот, ако му се верува на „магнатот“ од Tesla, Елон Маск. Контроверзниот јужноафриканско-американски бизнисмен на својата социјална мрежа „Х“ лансираше информации за пристигнувањето на електричен автомобил со високи перформанси.
Ако некоја од водечките фигури во автомобилскиот бизнис знае како да ја загрее атмосферата околу некој производ, тоа е Маск. Во негов стил имаше провокативни изјави во однос на новиот Родстер од типот „Ваков автомобил никогаш нема да има, ако може и да се нарече автомобил“. Сепак, она што е уште поинтригантно е изјавата дека ќе забрзува до 100 km/h за една секунда.
Шефот на Tesla напомена дека дизајнот е финализиран, а серискиот модел ќе го видиме во живо на крајот на годината. Целите се првите испораки до клиентите да започнат во текот на 2025 година, но знаејќи го начинот на работа на компанијата од Тексас, прво ќе скокнеме, а потоа ќе кажеме „оп“.
Имајќи предвид дека поминаа околу шест и пол години од претставувањето на Roadster, време е да се потсетиме на техничките спецификации кои ги вети Tesla. Првично, се тврдеше дека забрзува од 0 до 96 km/h за 1,9 секунди и до 160 km/h за 4,2 секунди, додека четвртина милја поминува за 8,8 секунди. Оваа машина со погон на четири тркала (со четири седишта) би требало да може да забрзува до 400 km/h и да патува 1.000 километри со едно полнење.
Идниот Tesla Roadster треба да има и отстранлив стаклен покрив, кој може да се преклопува во багажникот кога не се користи. Во еден стар „твит“ од јуни 2018 година, Маск ја спомна опцијата SpaceX во форма на „10 мали ракетни погони, беспрекорно распоредени околу возилото. Предметните ракетни мотори драматично го подобруваат забрзувањето, максималната брзина, сопирањето и свиоците. Можеби тие дури и гарантираат дека Tesla може да лета“. Во мај 2021 година, Маск тврдеше дека автомобилот ќе може да забрза до 96 km/h за 1,1 секунда. Меѓутоа, како тоа да не било доволно „лудо“, сега тврди дека тоа ќе биде направена за помалку од една секунда!?
Како и обично, ветувањата на Маск, „твитовите“ како горенаведените, секогаш треба да се земат со резерва. Кога ќе видиме се на дело, тогаш ќе веруваме. Дури и оригиналните технички спецификации од ноември 2017 година се повеќе од „луди“. Во меѓувреме, Tesla продолжува да прифаќа резервации со аванс од 50.000 долари. Доколку работите не се сменат во меѓувреме, Roadster ќе чини помеѓу 200.000 и 250.000 долари.