Маск за експлозијата на „сајбертракот“: Злобни идиоти избраа погрешно возило

од Nikola Popovski
616 прегледи

Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск најави дека ќе ја разгледа можноста за поднесување тужби против медиумите поради нивното покривање на експлозијата на „сајбертракот“ што се случи пред хотелот Трамп во Лас Вегас во средата. Конзервативниот активист Роби Старбак сподели текст на „Business Insider“ на „X“ во кој инцидентот е опишан како „експлозија на сајбертрак“.

„Маск треба да размисли да ги тужи медиумите за вакво извртување на приказната. Овие наслови го саботираат брендот на Tесла со тоа што ги тераат луѓето да мислат дека сајбертракот се запалил. Има околу еден пожар на Тесла на секои 130 милиони извозени милји. Другите автомобили имаат пожар на секои 18 милиони милји“, напишал Старбак.

„Можеби е време да го направиме тоа“, напишал Маск како одговор на предлогот дека размислува за тужба, пренесува „Политико“.

Возачот загина, а седум лица се повредени кога возилото, наполнето со канистри со гориво, експлодирало на Нова година. Човекот кој го изнајмил сајбер камионот бил активен припадник на специјалните сили на САД и се застрелал во главата пред експлозијата, потврдија полициски претставници.

Маск, милијардер кој е близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и дел од новата американска админстрација, во серија објави на неговата социјална мрежа „Х“ го критикуваше медиумското покривање на инцидентот и ја бранеше безбедноста на возилото.

„Фактот дека ова беше сајбертрак навистина ја ограничи штетата што се случи во возилото, бидејќи поголемиот дел од експлозијата помина низ возилото и одекна нагоре“, изјавил шерифот на полицијата во Лас Вегас, Кевин Мекмахил за време на прес-конференција оваа недела.

Маск повторно објави видео од конференцијата, пишувајќи: „Злобни идиоти избраа погрешно возило за терористички напад. Сајбертракот всушност ја запре експлозијата и ја насочи нагоре. Ниту стаклените врати од лобито на хотелот не беа скршени“.