Масовен напад на пчели во Франција, 24 лица испокасани

од desk2
10 прегледи

Во необичен напад на пчели врз луѓе во неделата наутро во францускиот град Орилак, испокасани биле 24 лица, од коишто тројца биле во критична состојба, јавија француските медиуми.

Нападот на пчелите врз луѓе се случил во центарот на градот и траел отприлика половина час. Голем број пчели ги напаѓале минувачите. Според Префектурата на департманот Сантал, на терен бргу пристигнале итните служби – пожарникари и брза помош, за да им помогнат на искасаните, а полицијата поставила кордон сѐ додека не престанало агресивното однесување на пчелите.

Тројцата што биле во најтешка состојба биле однесени во локалната болница. Еден од нив, 78-годишник доживеал срцев и белодробен застој, поради што бил реанимиран, а сега е во стабилна состојба. И останатите двајца се во добра состојба.

Според градоначалникот на Орилак, Пјер Матонје, причината за овој агресивен напад би можела да биде борбата меѓу азиски стршлени и кошницата со пчели поставени пред повеќе од 10 години на терасата на хотелот во центарот на градот.

Кошницата сега е изнесена надвор од градот.

Слични содржини