Масовен убиец ја тужи Норвешка за да биде ослободен од самица

од Stefanija Kuzmanovska
288 прегледи

Норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик повторно ја тужи норвешката влада бидејќи од пресудата во 2012 година е во самица, објавија денеска локалните медиуми.

Брејвик уби 77 луѓе во Норвешка во 2011 година.

Од пресудата во 2012 година, тој немал контакт со други затвореници додека ја отслужувал казната, изјави неговиот адвокат Ојштајн Сторвик. Брејвик отслужува максимална казна од 21 година.

Дневниот весник „Афтенпостен“ објави дека Сторвик вчера испратил известување до министерството за правда на Норвешка.

Претходно оваа година, Брејвик беше преместен од еден затвор во друг, но Сторвик изјави за норвешката новинска агенција NTB дека нема напредок во поглед на контактите на Брејвик.

„Тој нема контакт со никого освен со затворските чувари“, рече Сторвик, додавајќи дека тоа е кршење на човековите права.

Во 2016 година, Брејвик ја доби тужбата против норвешката влада за кршење на човековите права, жалејќи се на изолација од други затвореници, чести претреси и на фактот дека често му ставаат лисици.

Тој се пожали и на квалитетот на затворската храна, како и на тоа што мора да јаде со пластична лажица.

Слични содржини