Синоќа низ Полска се одржаа протести против законот за медиуми, со кој, според критичарите, владејачката партија се обидува да ги задуши независните медиуми.
Незадоволството на граѓаните беше предизвикано од обидите на полските власти да замолчат независна американска телевизија, која инаку ја критикува владата, но сигурно е дека технички овој закон ќе ги спречи сопствениците на неевропските држави да имаат удел во полските медиумски куќи, се наведува во извештајот на АП.
Практично, овој закон ќе ја присили американската медиумска куќа Дискавери инк. да го продаде својот удел во мрежата ТВН, која емитува голем број канали, но и каналот за вести ТВН24, кој има најголема, милионска гледаност од вечерна информативна програма.
Усвојувањето на овој закон ќе ја загрози репутацијата на Полска како земја во која медиумите се слободни и каде медиумскиот простор е отворен за странски компании, а предлог -законот доведе до заострување на односите со САД, клучен сојузник на Полска.
Меѓутоа, полската владејачка партија Закон и правда не се откажува од намерата да ги национализира медиумите, повикувајќи се на националната безбедност, пренесува „Танјуг“.
Покрај тоа, полските власти тврдат дека овој закон ќе го усогласи полското законодавство со европското, пред се со француското и германското, бидејќи уделот на странска сопственост во медиумскиот сектор е ограничен во тие земји.
Во Варшава, еден од околу 80 градови каде беа организирани протести, луѓето носеа плакати со пароли како: „Слободни медиуми, слободни луѓе, слободна Полска“.
На снимката на ТВН24 беа прикажани демонстранти на покривот на Министерството за култура во Варшава со транспаренти „Слободни медиуми“ и „Полска без фашизам“.