МАСВА и МЖСПП со меморандум за соработка ќе работат на унапредување на управувањето со отпадот во земјата

од Nikola Popovski
277 прегледи

Со потпишување на меморандумот за соработка меѓу денес Македонската асоцијација за цврст отпад (МАСВА) и Министерството за животна срдина за просторно планирање, започна годишната конференција на МАСВА, посветена на „Имплементација на кружната економија во управување со цврст отпад“.

– Се надевам дека денешната конференција ќе придонесе да се зајакне секторот што делува во управувањето со отпадот во нашата држава, ќе отпочнат мерките за подобрување на состојбите и ќе се поттикнат сите чинители од кои зависи успешната и практична имплементација на поставените цели и политики – истакна министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова во своето воведно обраќање.

Според неа, активностите за спроведување на политиките за управување со отпадот во Република Северна Македонија ќе придонесат кон решавање на проблемите со несоодветното одлагање на отпадот на општинските и останатите “диви” депонии, а дефинирањето на платформа ќе ја олесни соработката на сите чинители и ќе овозможи презентирање на научни сознанија и практики од областа преработка на отпадот, што позитивно ќе се рефлектираат во државава.

На свеченото отворање, претседателот на МАСВА, Михаил Матески истакна:

– Управувањето на отпад базиран на принципите на кружната економија е клучна тема која што поскоро мора да стане приоритет. Од нас зависи колку брзо ќе ги придвижиме работите во секторот на отпад, кој е важен и од аспект за животната средина, но и од аспект на економскиот развој. Отпадот во светот се смета за ресурс кој може да даде дополнителна вредност во општеството доколку се управува правилно. Од начинот на кој го третираме отпадот зависи колкав е нашиот капацитет да создадеме одржливо општество и да ја подобриме животната средина. Ова прашање треба да биде натпартиско и над национално бидејќи не тангира сите подеднакво.

По потпишување на меморандумот за соработката свое обраќање имаше и претседателот на Меѓународната асоцијација за тврд отпад, Карлос Силва Филхо, кој ја потенцираше итната потреба од преземање на чекори и унапредување на управувањето со отпад.  Деканот на Технолошко металуршкиот факултет од Скопје Стефан Кувенџиев, ја изрази досегашната поддршка од академската заедница и најави интензивирање на соработката со МАСВА во сегментот на управување со отпад.

Во рамките на конференцијата своите излагања ќе имаат претставници на институциите како Министерство за животна средина и просторно планирање, јавното претпријатие Русино Полог, а реалниот сектор ќе биде претставен од неколку домашни и странски компании. Своите искуства и знаења  ги презентираа претставници на Пакомак, Цементарница УСЈЕ АД Скопје, Гринтех МК, Гентем, Гума Тек, Алпако Еко, Макстил, Нута Отпад, Томра Системи од Норвешка, Саубермахер- Австрија, Блу Планет и други. Во рамките на конференцијата ќе се обратат и неколку домашни и странски експерти, како и професори од Машинскиот и Технолошки металуршкиот факултет од Скопје и Универзитетот  Американ Колеџ од Скопје.

Првиот ден, панел дискусиите се посветени на две теми – „Воведување на депозитен систем и враќање на пакувањето во Р.С. Македонија“ и „Енергија од отпад – ограничување или придобивки од земјата?“. Во текот на вториот ден од конференцијата панелите ќе бидат фокусирани на темите: „Дополнителни текови на отпад во проширена одговорност на производителот“, Финансирање на системи за одржливо управување со отпад“ и „Младите и науката во решенијата за одржливо управување со отпад“. На овој панел студенти ќе ги презентираат своите студии поврзани со унапредување на системот за управување со отпад.

Во знак на одбележување на 10 годишнината од делувањето на МАСВА ќе бидат доделени признанија за експерти и компании членките кои дадоа особен придонес за развојот на организацијата и проширување на соработката како и унапредување на управувањето со отпад во земјава.

Слични содржини